Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Гордо издигната над Нежилови стени, со врвен стремеж на кој се чини и небото му е ниска граница, стамена и строга се виши „нагризената пирамида“ на врвот Солунска глава. А таа глетка најимпресивно и најавтентично ги полни зениците кога ќе ја искусите од Долна бабина дупка, на 1.680 метри надморска висина, нешто помалку од 1.000 метри под горделивецот Солунска.
Изгрејсонце на Долна бабина дупка
Кога сте на Долна бабина и не можете да се наситите на возвишената и фасцинантна панорамска глетка која се шири пред вас, имате чувство како да сте дел од некоја разгледница, раскошен пејзаж „вкаменет“ во еден вечно траен миг на времепросторот.
Раскошната панорамска глетка на Солунска глава од Долна бабина
Кинисот кон Солунска глава, стандардно, започнува од планинарскиот дом Чеплес, кој се наоѓа на 1.450 метри висина, на падините на Јакупица, над селата Папрадиште и Нежилово. После иницијациското планинарско искуство кое го наметнува угорниот почеток на планинарската патека, од домот, низ старата букова шума, и релативно поспокојниот дел од патеката речиси „по изохипса“, исто низ буките, кој следи после него, пред вас ќе се отвори онаа неповторлива глетка од Долна бабина дупка која, иако вечно иста и убава, никако не ви дава да се наситите од убавината која ја нуди, па посакувате пак, и пак, да се навраќате таму.
А секое искачување, на било кој врв од било која планина, независно од стрмнината или благите нагорнини, бара спокоен чекор, мирни мисли и слободен дух, за целосно да уживате во природната автентична уметност која е насекаде околу вас, од тревките и карпите, преку пространите падини и длабоките шуми, до врвовите и далечините краеви кои се шират наоколу, достапни за окото само од тие планински висини, кога се наоѓате над баналноста на секојдневието.
Парче природна уметност над Долна бабина
Џенг на облаците и планината на Нежилови стени – профил на Солунска глава
При искачувањето кон Солунска глава, неодминлива импресија крај која ќе мора да поминете е сестрата на Долна бабина – Горна бабина дупка, гигантомахиски примерок од планинска рупа која фасцинира со својата грандиозност и големина. Крај неа неодминливо ќе ги почувствувате првите „симптоми“ на човечката маленкост и ситничавост во однос на планинското величие.
Нагоре, кон Горна бабина дупка
Море од облаци, или „волна“ над низините
Снежните стреи на Горна бабина дупка
А таму горе, на и после сртот кај Горна бабина, ве чека белата тишина на ледената прегратка помеѓу планинските восхитувачки падини и чистиот снег. Насекаде околу вас владее една „бучна“ тишина на природата, која е диригирана од ветрот кој знае да задува и со големи брзини на тој простор, но и од спокојот на одмолчените дијалози на планината и небото, планината и околните врвови, снегот и стапалките, човекот и природата. А среде сета таа чудесна синестезија на тишина, белина, сјај, сонцевина и космички спокој во кој најгласно е отчукувањето на вашето срце кое си го чувствувате во грлото, се издигнува гордоста на Јакупица – Солунска глава.
Во засекот, таму на малото парче хоризонт, се подава Шара
Тука времето како да стои, а се бројат само деновите и ноќите
Еден и единствен, центарот на планинските врвови кај нас – Солунска глава
За случајно да не заборавите во ниту еден момент од искачувањето кон што стремите, кон каде сте кинисале и која е сатисфакцијата, и духовна, и ментална, и појавна која ве чека на врвот од планинскиот аџилак, природата се погрижила Солунска глава цело време да го имате во видно поле, да ве мами и повикува со својата молчалива строгост да му се приближите, да се искачите врз него и врз уште еден Врв од вашата психо-физичка настројба. И да, ќе го видите и Солунското поле, кое се простира десно од вас, побелено, покорно и спокојно спрострено под пирамидалниот врв. Десно од вас се стрмоглават Нежловите стени, непрепорачливи да ги набљудувате одгоре во зима, поради опасноста од одронување на снежните тераси кои се надвиснати над нив.
Лево се стрмоглават торжествените Нежилови стени
Аџилак и поклонение на планината
Врвот, и „преку“ него, до личниот Врв на психо-физичката опстојба
А кога ќе сигнете на врвот, не заборавајте, мислите нека ви бидат најгласното нешто кое ќе одекнува во и од вас, додека ја пиете и голтата со поглед велелепната природна убавина која „вришти“ од сите страни околу вас. И тогаш некако, како некоја вечна вистина, ни одѕвонуваат во мислите оние стихови на планинарот и филозоф Ферид Мухиќ, кои гарантирано се некој вид на духовен изблик и провидение во миг на екстатично соживување со Планината и Природата:
НЕ ТВРДИ НИШТО
На Врвот кога си, не тврди ништо:
Ни: Да! – ни: Не!
Сè ќе ти рече виежот волчи
Врвот е еден, ти си со Врвот!
Толку.
За сето останато, занесен, молчи.
И додека сте на врвот, не постои ништо друго освен вие и тој, и сета таа космологија на креаторот кој ја создал секоја пора, секој нишан, секоја убавина на огромното лице на природата. Кога ќе почувствувате дека доволно за овој пат сте консумирале од таа космичка енергија „по вертикала“ на гордиот axis mundi со кој привремено паралелно постоевте, спокојни и одморени, облагородени со сите видими и невидими дарови на мајката планина, слегувањето ќе ви биде како некој вид на заокружување на целокупното искуство, истовремено и успокојување на вашите духовни сили и ментална енергија. И од сето тоа ќе остане само чистата и бистра мисла, мирот во вас и желбата за некое наредно врвување на Солунска глава, во блиска и догледна иднина.