Актуелно

Правните последици и услови кои го следат излегувањето на Велика Британија од ЕУ

Без оглед на тоа кој модел ќе го примени, Велика Британија нема да може да го применува законодавството на ЕУ, а пред се директивите. Исто така, регулативите кои се директно применливи во британското законодавство без потреба од нивна имплементација ќе престанат да се применуваат и да важат од моментот кога Велика Британија официјално ќе ги заврши преговорите со ЕУ и ќе ја напушти Унијата.

На 23 јуни 2016, граѓаните на Велика Британија на референдум изгласаа излегување од Европската Унија. Референдумот, пред се, се базирал на советодавна основа отколку на мандатна (моментална) и нема да има моментални правни последици. Договорите кои се поврзани со функционирањето на ЕУ и кои Велика Британија ги има имплементирано во своето законодавство, сепак, ќе останат во сила се додека не се завршат преговорите за излез од Унијата во наредните две години. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, на почетокот на октомври изјави дека процесот на преговори за напуштање на ЕУ ќе заврши до летото 2019 година, а ќе почне во текот на март 2017 година со активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор.

Во членот 50 од Договорот се вели дека доколку една земја членка на ЕУ има намера да ја напушти Унијата, прво треба да го извести Европскиот совет за своите намери.

Сепак, се уште не е јасно кој модел на понатамошни односи ќе ги применува Велика Британија по напуштањето на ЕУ. Во праксата се познати неколку модели според кои функционираат европските држави кои не се дел од ЕУ.

Норвешки модел

Овој модел претставува придружување на Велика Британија единствено кон економската заедница на ЕУ со цел да остане дел од европскиот пазар и од економските односи со ЕУ. Така, Велика Британија ќе има пристап до целокупниот пазар и ќе може да остварува економски релации со другите земји членки на ЕУ. Како дополнување, Велика Британија ќе има обврска да дава финансиски придонес кон ЕУ и ќе има дозвола да остварува слободен проток на лица во ЕУ. За да го усвои овој норвешки модел, Велика Британија ќе мора да добие дозвола од сите 27 членки на ЕУ, вклучувајќи ги и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

Модел на билатерални преговори

Исто како и Швајцарија, и Велика Британија би можела да го примени овој модел на билатерални договори со ЕУ со цел да добие целосен пристап до внатрешниот пазар и во специфични области од економијата на ЕУ. Овој модел налага Велика Британија да прифати дел од правилата на ЕУ на слободен проток на луѓе и стоки со примена на законите на ЕУ со тоа што таа нема да може да учествува во креирањето на законите што ги уредуваат овие полиња.

Царинска унија

Царинската унија моментално постои помеѓу ЕУ и Турција, при што Турција може да разменува добра, но не и услуги. Со овој модел Турција може да извезува производи во ЕУ без притоа да има царински пречки за извршување на тие активности.

Договор за слободна трговија

Велика Британија исто така може да се одлучи да го примени овој модел на преговори со ЕУ, кој предвидува слободна трговија која ги покрива и добрата и услугите, со што ќе биде сличен со договорот кој го имаат потпишано ЕУ и Канада пред 7 години. Со овој модел се тргаат бариерите на трговијата, со исклучок на тоа што Велика Британија нема да може да придонесе во буџетот на ЕУ.

Импликација на законодавството

Без оглед на тоа кој модел ќе го примени, Велика Британија нема да може да го применува законодавството на ЕУ, а пред се директивите. Исто така, регулативите кои се директно применливи во британското законодавство без потреба од нивна имплементација ќе престанат да се применуваат и да важат од моментот кога Велика Британија официјално ќе ги заврши преговорите со ЕУ и ќе ја напушти Унијата.

Исто така, голем број на области поврзани со бизнисот и со правото се поврзани со излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Трудовото, деловното, даночното право, правото на интелектуална сопственост, корпоративното право, финансиските услуги, се само дел од областите кои се поврзани со правото и правните последици од референдумот во Британија.

Аспектите и влијанието на излезот од ЕУ врз корпорациите, според Нил Блундел и Дејвид Гент, партнери во Адвокатското друштво „Бирд и Бирд“, кое се занимава со право на интелектуална сопственост, вклучува:

влијание на финансиските трансакции;

импликации врз прекуокеанските бизниси и

широко влијание на англиското корпоративно право.

Со напуштањето на ЕУ, компаниите што имаат седиште во Велика Британија веќе нема да бидат изедначени со компаниите од ЕУ и со поволностите што ги имаат тие според европското законодавство. За британските компании нема да важат пазарните услови што важеле досега, сметаат од Бирд и Бирд.

Што се однесува до интерконтиненталните, прекуокеански бизнис-односи, проблем би настанал со фирмите кои имаат европски претставништва во Велика Британија, а изворно немаат седиште во Европската Унија. Тука постои опасност од преселување на капиталот, односно иселување на тие компании од Велика Британија во некои други земји членки на ЕУ.

Кога Велика Британија официјално ќе ја напушти ЕУ, доколку не се договори да остане член на EEA (Европската економска област) и на EФТА (Европската асоцијација за слободна трговија), тоа ќе значи и помало важење на европското законодавство за британските компании, но сепак ова прашање се уште не е приоритет во почетокот на преговорите на Велика Британија и ЕУ и барем засега не треба да има промени во примената на законодавството кон компаниите. Поголем дел од англиското корпоративно право, на пример, не зависи од регулативата на ЕУ. Законот за компаниите од 2006 година е главниот закон според кој се водат трговските друштва и само мал дел од него има прифатено правила од ЕУ. Тие ги вклучуваат одредбите кои се однесуваат на наплатата, објавувањето на информации и правата на акционерите во акционерските друштва.

Влијанието на Брегзит на работните односи

Повеќе аспекти од трудовото право во Велика Британија не се директно пренесени од ЕУ, но сепак некои правила се однесуваат и на Британија, вклучувајќи го износот на минимална плата, правото на годишен одмор, правото на породилно отсуство и  уредувањето на отказот од работното место. Партнерите во Бирд и Бирд, Ијан Хантер, Џејмс Фрауд и Елизабет Ланг, сметаат дека, сепак, со Брегзит и во трудовото законодавство на Британија ќе бидат нужни некои промени и регулирања. Така, пред сè, тука ќе стане збор за регулирањето на годишниот одмор бидејќи постојат голем број работници од сите индустрии кои работат надвор од Велика Британија, т.е. во ЕУ.

Заштитата на работничките права, стандард кој е донесен во 1981 година, треба да претрпи измени за работниците да можат непречено да прават трансфери на работните места и надвор од Велика Британија. Важен сегмент од заштита на работничките права е Актот за еднаквост од 2010 кој се однесува на заштита од дискриминација врз основа на пол, раса, националност и физичка попреченост.

Извор: Академик

Advertisements
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top