Вебкафе

Мистериозна држава во која владеат дрога и пари: Ја нема на мапите, ретко кој знае за неа, а е сè побогата

Длабоко во прашумите на југоисточна Азија, на крајните делови од Мјанмар, неформално, но ефективно автономна, се наоѓа државата Ва која ја посети новинар од BBC.

Оваа држава ја нема на ниту една мапа од Google, за неа знаат само ретките, а речиси е невозможно и да влезете во неа, бидејќи ако побарате виза, огромни се шансите дека ќе бидете одбиени. Државата Ва е сместена на далечната источна страна од мјанмарскиот регион, а позната е и под името Дивата Ва. Таму сите се полни со пари, врие од дрога и див живот, вели новинарот од BBC.

18-11-wa1

„Мислевме дека сите кои сакаат да ја посетат нашата држава се шпиони“, вели службеник од една од најмистериозните и најавтономни држави на светот пред група новинари на кои, од уште нејасни и непознати причини, им беше овозможен влез во Ва.

Откако го поминале темелниот претрес од војниците на Мјанмар, новинарите беа топло пречекани од локалната телевизиска станица на Ва.

„Добредојдовте во државата Ва“, ги поздравија своите гости, не покажувајќи ниту трага од застрашувачката репутација по која ги паметат британските војници од колонијалниот период, кога тамошните жители биле познати под името Дивите Ва и биле прочуени по бестрашноста во борбите и отсекувањето на главите од своите непријатели, кои потоа ги изложувале набиени на високи стапови.

Ва се простира на 17.000 квадратни километри површина, на која живеат околу 550.000 жители. Сместена е на истокот од Мјанмар, на границата со Кина, и Ва таму ужива автономија уште од 1989 година, кога бунтовниците од Ва склучија мир со властите од тогашна Бурма.

18-11-wa2

Со склучување на мирот, добија земја со која можат самостојно да управуваат. Тогаш започнале со одгледување на најисплатливата култура во тие краишта – мак, од кој се произведува опиум, главна суровина за производство на хероин. Од заработката со опиумот државата наскоро почнала брзо да се богати, а во ’90-те беше една од водечките светски производители на опиум и хероин.

Но, со оглед на фактот дека продажбата на дрога е поврзана исклучиво со негативни конотоации, тие своите гости новинари ги прошетаа по полињата со чај, кафе и каучуково дрво, од кое се добива суровина за производство на гума.

Ва стана рај и за странските претприемачи, кои сето она кое го произведуваат во Ва, го извезуваат во соседна Кина, што е и логично, со оглед на фактот дека, како што забележува и новинарот од ВВС, жителите на Ва се поблиски со Кина отколку со Мјанмар. Платежно средство им се кинеските јуани, а главен јазик им е мандаринскиот. Клучната инфраструктура, како електричната и телекомуникациска мрежа, е во сопственост на кинески компании.

18-11-wa4

„Не знаеме што добиваме од тоа што сме дел од Мјанмар. Но, не сакаме независност, навистина сакаме да сме дел од оваа држава“, вели за новинарите министерот за градежништво Јенг Гар. Таквиот став на Ва овозможува тие да си ја задржат автономијата и да бидат слободна држава. Мјанмарската војска не помислува на интервенција на нивна територија, а поради блиските врски со Кина, изградбата на инфраструктурата во Ва буквално цвета.

Обединетите Нации и Стејт Департментот во своите извештаи ја обвинуваат Ва дека е еден од главните производители на метамфетамин, кај локалците познат и како yaba, за што министерот за правда, Ли Сан Лу, отворено разговараше со новинарите.

„Тоа е голем проблем во нашата држава, годишно запленуваме околу два тони пилули метамфетамин“, им откри тој.

Новинарите кои ја посетија Ва одлучиле една ноќ да се искрадат и да го обиколат главниот град Ва, со цел да видат за што на официјалната тура не станало муабет. Како што пишува новинарот од ВВС, на речиси секој чекор од градот се продаваат делови од загрозени животински видови, како заби од тигри и черепи од тигри, слонова коска и кожа од разни животни, доста популарни во традиционалната кинеска медицина, а најголем број купувачи доаѓаат токму од Кина. Новинарите го снимиле пазарот и сето она кое се продава таму.

18-11-wa3

„Тоа докажува дека постојат повеќе пазари отколку што мислевме и дека со овој проблем уште долго ќе се занимаваме. И понатаму постои огромна побарувачка, а луѓето кои ги купуваат тие производи имаат многу пари“, вели Ник Кокс од Фондот за заштита на диви животни, коментирајќи ги тајни снимените видео материјали.

18-11-wa5

„Овде станува збор за слободна трговија. Кај нас ги нема тие животни, ние нашите џунгли ги испосековме за да ослободиме место за плантажите со каучук“, изјави министерот за надворешни работи Жао Гуо Ан. Неограничени од државни и меѓународни прописи, тие всушност прават она што им е по волја и немаат намера да го променат тој став, заклучува новинарот од ВВС.

Advertisements
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top