Златното момче кое ќе ги засени Буфон и Малдини!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


За две недели на 25-ти февруари златното дете на Милан, Џанлуиџи Донарума ќе наполни 18 години. Чудесниот голман на гигантот од „Сан Сиро“ до сега има запишано 56 настапи за „росонерите“, со што стана апсолутен рекордер на клубот.

Донарума со само 17 години, 10 месеци и 14 дена стигна до бројката 50 натпревари за Милан и така го претекна легендарниот Паоло Малдини на кого тоа му успеа со 18 години, три месеци и 20 дена.

Популарнио Џиџио е без сомнеж наследник на Џанлуиџи Буфон. Дебитираше за првиот тим на Милан на 25-ти октомври 2015 година на мечот против Сасуоло и од тогаш е незаменлив на голот.

„Многу сум среќен поради него. Џиџио може да стане легенда на Милан и има се што е потребно да го направи тоа“, изјави големиот Паоло Малдини.

Со своите неверојатни одбрани го спасуваше тимот во многу натпревари оваа сезона, а против Фиорентина и Пескара беше прогласен за играч на мечот. И додека Милан го чека неговиот 18-ти роденден за да му го продолжи договорот, медиумите веќе сега нагаѓаат дека би можел да се пресели во Реал, Барса, Јувентус, Челзи за астрономска сума.

Но момчето кое е родено во Касталамаре недалеку од Неапол, беше на проба и во Интер, но набрзо ги напуштил „нероаѕурите“ затоа што сакаше да настапува само за еден клуб – оној во кој е денес!

„Не беше лесно да се напушти домот и да се преселам во Милано. Исто така, морав да се борам со мајка ми и делот од семејството кој навива за Наполи. Но, јас сум роден како Миланиста и тоа секогаш ќе биде така. Бев во Интер како дете, но не можев да останам бидејќи моето срце е на другата страна. Од секогаш сум сонувал да го чувам голот на Милан и го живеам својот сон секој ден. За останатите работи не размислувам. Сакам да станам капитен на Милан“, изјави Динарума кој после секој натпревар оди до навивачите и го бакнува грбот на дресот.

Меѓутоа тоа не е се. Кога противниците шутираат пенали против него имаат точно 50% шанси да дадат гол! Тоа е навистина неверојатен податок, но не чуди кога станува збор за еден од најголемите таленти во светот како што е Џиџио. Во досегашните пријателски и официјални натпревари не бил совладан од 11 метри дури 8 пати.

Ги бранеше ударите на Тони Крос (Реал Мадрид), Рафиња (Баерн М), Пауло Дибала (Јувентус), Андреа Белоти и Љаиќ (Торино), додека Јосип Иличиќ, Мауро Икарди и Марио Манџукиќ го погодија оквирот на голот.

Во италијанскиот Суперкуп му го одбрани шутот на Пауло Дибала и така му го донесе на Милан првиот трофеј после пет години, но доколку ги прашате фановите најдраг пенал од кој Донарума не прими гол е оној во градското дерби кога Икарди ја погоди стативата, а Милан потоа победи со 3:0.

„Убава си како голот на Икарди од пенал на дербито. Ахх, не – статива“, осамна графит во Милано ден после натпреварот, а Донарума токму од тој момент покажа дека ривалите се нервозни кога мораат да се сретнат очи во очи со 196 сантиметри високиот голман.
Џиџио стана и најмладиот дебитант во историјата на италијанската репрезентација и денес е прва замена на Џиџи Буфон кого сигурно ќе го наследи после Светското првенство 2018 година.

Момчето кое игра како ветеран допрва ќе го освојува светот!