Зиддојче цајтунг: Меркел рекла „не“ за брз датум за Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Македонија за приклучување во Унијата, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, пренесува Дојче Веле.

Повикувајќи се на свои неименувани извори, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ денеска пишува дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на С. Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.

„Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање (за датумот, н.з.) во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер (во германското МНР, н.з.) Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворeни уши’ кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ“, пишува денеска влијателниот „Зиддојче цајтунг“.

Евроинтеграцијата на Македонија вчера предизвика жестока полемика и на пленарната седница на Бундестагот, која всушност беше посветена на ратификацијата на протоколот за членство на РСМ во НАТО. Пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за прием на РСМ во алијансата, но во дебатата се препукуваа околу датумот за преговори за приклучување во ЕУ.

„Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ”, рече пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите. Критикувајќи ја таквата политика, Тритин праша дали некој сака С. Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа”.