Славни

Животната приказна на Тони „Нема грип“ – ликот кој стана хит на Балканот

Сигурно веќе нема човек на Балканот кој не го изгледал видеото со славниот „мастер“ Тони, поточно 82-годишниот пензионер Таљат Селмани, симпатичниот старец кој ја освои јавноста со неговите совети за борба против грипот и другите болести и одржувањето на здрав дух во здраво тело.

Неговото видео дека „грип не постои“ буквално експлодираше со популарност и стана експресен вирален хит во балканските сфери од социјалните мрежи, а Тони го направи вистинска инстант сензација.

Екипата од хрватски „Јутарњи“ се обиде и беше упорна да го најде Тони и да дознае нешто повеќе за него и неговиот приватен живот. Откако три пати наидувале на затоврена врата од неговиот стан, случајно го сретнале, повторно на улица. Побелена коса, уредно избричен, очила за сонце, бела ролка, зимска јакна, крем панталони и кафеави чевли – на прва никој не би рекол дека овој човек моментално е најбарана личност во Хрватска. Но, кога ќе поразговарате со него, од прва сфаќате зошто со само неколку реченици успеа да ја шармира и насмее цела земја, пренесуваат хрватските медиуми.

„Еве, само што платив здравствено. А што ќе ми е тоа? Никогаш не сум болен, не одам на доктор, здрав сум цел живот. Еве сега, ако сакам, можам да те соборам на земја“, вели чичко Тони демонстрирајќи полувисок удар со нога.

Открива дека секој ден вежба по три часа. Вежбите ги почнува наутро, со лесно растегнување и размрдување во кревет и потоа следи миење со ладна вода.

„Не само лицето, туку цело тело до појас, онака, машки“, објаснува со гестикулации Тони.

Потоа открива дека заминува на Бундек каде продолжува со рекреација. Трча, вежба на справи, оди, скока. Сето тоа е потребно за добра циркулација на крвта, но потенцира дека не е доволно само физички вежби, туку дека е важна и медитацијата.

„Откако сум во пензија, открив дека можам да вежбам и со умот. Легнувам и го пуштам умот да ми го тренира телото. Во тие моменти чувствувам како секој мускул ми работи. Но, не смеам да го запоставам ниту одењето во природа. Медитацијата во шума, меѓу цвеќиња и патките во езерото, тоа ти дава долг живот, бидејќи сите ние имаме душа. Секоја тревка, секое дрво, секоја мува, сето тоа има своја душа и тоа треба да се почитува“, вели Тони.

Откако ги открил тајните на медитацијата, вели дека престанал да јаде месо. Вели дека телото повеќе не му го поднесува месото, па неговото дневно мени се состои од разни варива, овошје и зеленчук. Сепак, потенцира дека секој би требало да јаде тоа што му носи и бара душата.

„Нема смисла да се ограничуваш“, кратко советува овој витален пензионер. Од досега реченото лесно може да се заклучи дека не пуши цигари, а тој гордо истакнува дека никогаш во животот не запалил ниту една цигара. Што се однесува на алкохолот, пивнува малку ракија секое утро. И понекое пиво од време на време.

Бурен живот

Таљат родум е од Албанија. Во Загреб се преселил во 1960 година, откако се вратил од војска. Прво работел во хрватскиот телеком и ги поврзувал семејствата на телефонската мрежа. Така го запознал цел Загреб, но покрај дневната работа, работел уште нешто. Открива дека бил и манекен.

„Не само манекен, туку прв манекен во Југославија. Работев реклами за Вартекс, Каенско, рекламирав храна, пијалоци, во една реклама глумев шеик за бивш „Интерконтинентал“, сегашен „Еспланаде“. За Питралон снимав реклами до пред десет години“, открива овој супер-старец. Додава дека некои реклами ги снимал заедно со сопругата, за која вели дека е најубава жена на светот.

„Веќе сме 55 години во брак и имаме син, кој исто е најубав на светот. И еден внук. Тој уште сега, на пет години, е вистински маж, па и најубав на светот“, вели Тони. За него, признава, љубовта е најважна на светот.

Уште од шеесеттите години почнал да тренира боречки вештини, тае квон до, кик бокс и џиу џицу.

„Уште можам да те соборам со нога“, шеговито вели Тони.

И нивните соседи потврдуваат дека тие се едно доста атрактивно семејство. Повеќе луѓе во кафулето ни раскажаа за неговото манекенство и за тоа како Тони и сопругата отсекогаш ги биел глас како извонредно убав и складен пар. Сите најмногу го паметат по рекламата за Питралон, која се вртела на телевизиите во бивша Југославија.

Тезга во Утрина

На 55 години Тони заминал на привремена пензија од Хрватски телеком. Иако годините му велеле дека е време за одмор, неговото тело не сакало ни да чуе за тоа, па отворил тезга во населбата Утрина каде продавал овошје и зеленчук. Таму работел уште 15 години, па во вистинска пензија заминал на 70-годишна возраст. Колегите од пазарот за него имале само пофални зборови.

„Кон сите муштерии се однесуваше исто, независно дали е богат човек или сиромав. И никогаш не продаваше лоши производи. Ако видеше дека некое јаболко е барем малку подрасипано, веднаш го тргаше од тезгата“, вели Маријан Ковач.

Меѓу другото, Тони многу сака поговорки. Често ги кажува „Оделото го прави човекот“, „по утрото денот се познава“ и дека „секое зло се враќа“.

„Како млад еднаш пронајдов паричник од еден партизански офицер и не му го вратив. Само неколку дена подоцна, додека се возев по Држиќева, ми експлодираше автомобилот. Одвај извлеков жива глава. Оттогаш никогаш не направив ништо лошо и никакво зло“, раскажува Тони.

Тој има теорија дека добрите луѓе умираат одеднаш, во еден ден. Тоа го заклучил според неговиот дедо, кој живеел 102 години и се грижел за него и после смртта на родителите од Тони.

„Почина во еден ден, и тоа на начин на каков и јас би сакал да умрам. Без никакви цевчиња по вратот, па да лежам со месеци во боница. Еден ден едноставно нека дојде смртта по мене и нека ме земе. И јас ќе бидам најсреќен“, ја објаснува својата филозофија.

Советите од Тони

Наутро вежбај веднаш, уште во кревет

Во бањата соблечи се гол до појас и миј се со ладна вода, добро истриј се со неа, машки

Тренирај, вежбај! Трчај, скокај, вежбај на справи. Дневно вежбај минимум три часа

Медитирај, умот го зајакнува телото. Легни на кревет, стави ги рацете зад глава и почувствувај како работат мускулите

Оди во природа. Секоја тревка, секое дрво, секоја мува, сите тие имаат душа и тоа мораш да го почитуваш

Јади што ти сака душата. Но, не претерувај. Подобро да се фрли, отколку непотребно да го пикаш во себе

Болест не постои. Таа постои ако скршиш рака, па треба да ти ја наместат. Сето останато зависи од тебе

Advertisements
To Top