Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Британската кралска морнарица порача дека е подготвена, како дел од коалиција, да испрати воени бродови во Црното море со цел да ја разбијат руската поморска блокада на извозот на украинско жито и да обезбеди „заштитен коридор“ од Одеса до Босфор.
Освен Британците со бродови и луѓе, и САД би учествувале во операцијата со испраќање на ракети за потопување на руските бродови.
Идејата за укинување на руската блокада прв пат на повисоко ниво е спомната на состанокот меѓу литванскиот и британскиот министер за надворешни работи, кои спомнаа дека во акцијата би учествувале и неколку НАТО држави и други држави кои зависат од ова жито. Нивната процена е дека и Египет би влегол во директен конфликт со Русија, заради сериозните проблеми што ги има со недостатокот на пченица.
„Операцијата ќе бара расчистување на мините од пристаништата околу Одеса, и снабдување на Украина со оружја со голем домет кои би го бранеле од руски напад,“ пишува британски Тајмс.
Процената е дека моментално околу Одеса има шест бродови и две подморници од Црноморската флота на Русија.
Пробивањето на рускиот обрач би се направило за спас на најранливите држави во светот, кои зависат а не можат да стигнат до украинското жито.
Во процените на литванскиот министер за надворешни работи, создавањето и обезбедувањето коридор за товарни бродови од Одеса до Босфорот, од страна на други држави „не би било ескалација, бидејќи тоа не претставувало учество во војната.“
За ваква операција е и Зеленски, кој смета дека треба да се создаде „безбеден коридор“ и дека „Русија нема да може да се спротивстави против водечките држави во светот“.
Други западни функционери пак тврдат дека клучно за ваква операција ќе биде Русија да се согласи на нејзе и на отворање на коридор, и дека тоа може да се случи само ако Русија добие нешто за возврат. Москва до сега отфрли какво било барање да дозволи брод да излезе од Одеса.
Целата операција бара дозвола и од Турција која од избивањето на војната во Украина го затвори Босфор и Дарданелите за сите воени бродови.
Украина моментално има милиони тони жито во своите силоси, а за 5 до 6 недели би требало да почне годинешната жетва за која во моментов нема простор за складирање.