Жестоки протести во Франција после протуркување на пензиската реформа без гласање во парламентот


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Владата на Франција ја „протурка“ контроверзната пензиска реформа низ парламентот без завршно гласање. Владата реши најважниот реформски проект на претседателот Емануел Макрон да го спроведе повикувајќи се на посебен член од Уставот, кој овозможува прескокнување на гласањето, пренесува Дојче Веле.

Акцијата на Макрон опозицијата ја критикува како „брутална“. Премиерката Борн на седницата на парламентот ја бранеше реформата и примената на членот 49.3, по што беше исвиркана. Низ гласни протестни повици на опозицијата, премиерката порача: „Оваа реформа е неопходна“.

Нови избори?

Седницата започна толку турбулентно што набрзо мораше да биде прекината на две минути. Левичарските пратеници ја пееја националната химна, попречувајќи го говорот на премиерката, а за да се чуе, таа мораше да вика во микрофонот. Борн ја нападна и левицата и десницата, вклучувајќи ја и најголемата десничарско-екстремистичка опозициска партија на Марин Ле Пен која агираше од заднина. Аплаузот на пратениците на владејачката партија речиси не се чу.

Левичарската опозиција ја напушти собраниската сала откако премиерката Борн најави примена на членот 49.3, а премиерката изјави дека ја презема одговорноста и очекува покренување гласање за недоверба, што е веќе најавено од неколку партии. Барањето, спред законот, мора да биде поднесено во рок од 24 часа, односно до денеска, петок, во 15:20. Изгласувањето недоверба на владата би значело одржување на нови избори.

Новиот закон предвидува покачување на старосната граница за пензија од 62 на 64 години, на што Французите се противат.

Илјадници луѓе на улиците

Донесувањето на одлуката за спроведување на спорната реформа без гласање во Собранието, собра илјадници демонстранти на Плоштадот Конкорд, најголемиот во центарот на Париз. Тие фрлаа камења на полицајците, кои возвратија со солзавец и водени топови.

Протести имаше и во многу други градови во Франција – луѓето излегоа на улици од Шербур на север, до Монпење на југ, од Нант на запад до Нанси на исток на земјата. Французите се фрустрирани и бесни и не рзбираат како владата можеше да ја донесе пензиската реформа.

Огорчени се и лидерите на синдикатите поради тоа што, по повеќемесечни кавги и масовни демонстрации против пензиската реформа, гласањето изостана. Тие порачуваат дека протестите и штрајковите ќе продолжат сѐ додека не бидат повлечени законските измени. Само во средата низ Франција протестираа околу 500.000 луѓе.