Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Познатиот аналитичар Владимир Мисев кој беше извршен директор на Институтот за Демократија, а моментално работи како експерт во ОДИХР токму за избори и за референдуми, предизвика жестока дискусија на неговиот Фејсбук профил, откако во статус објасни зошто на претстојниот референдум не треба да се гласа. Целата работа е уште поинтересна, ако се знае дека Мисев доаѓа токму од невладиниот сектор каде што моментално преовладува владиниот став да се промени името на Македонија и да се прифати целокупниот договор со Грција, кој за експертите и за опозицијата е поразителен за иднината на Македонија.
Во прилог ви ја пренесуваме неговата анализа во целост, а коментарите и дискусијата на неговиот профил ги имате најдолу:
„Македонија, мала држава на Балканот каде Канцеларката доаѓа да ти ја зема машкоста
Пред да стане атмосферата претоксична (ако веќе не е) убаво е да се каже збор два за референдумот и зошто НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГЛАСА. Јасно е едно…не можеме да си ги смениме мислењата. Џабе кампања. Не треба да се вика кампања. Треба да се вика „пребројување, присила и мобилизација за гласање.“ Тие што се убедени да гласаат за, ќе гласаат, тие што се убедени да не гласаат нема да глсаат, е сега работата е тие што ќе гласаат против да ги кандисаме да не гласаат. И драго ми е што ВМРО немаат став за бојкот затоа што нема да не запишат таму. Туку ова е прашање за кое треба да се има став како Македонец.
Реално, прашањето е пре-емотивно и нема разбирачка. Дури и тие малкумина што се демек (или би требало да бидат) поинформирани и би биле спремни да донесат рационална одлука, се заслепени и не можат да ги видат аргументите на другата страна. И јас се гледам во нив, слепците.
И сите ние имаме свои причини зошто е така. Во отсуство на аргументи, се носиме во ситуација да се бориме со чувства. Оти само чувства можат да надвладеат чувства. Ние (што сме против или за бојкот) демек им ја земаме ИДНИНАТА на тие што се ЗА, а тие нас МИНАТОТО. Е сега… има една разлика. А разликата е тоа е што иднината што ја гледаат тие, за нас е целосно неизвесна и за многумина непосакувана.
Со прифаќањето на договорот со Грција, НЕ ВЛЕГУВАМЕ во ЕУ. Тоа е ФАКТ. Можеби ќе влеземе во НАТО, иако договорот и гласањето „за“ НЕ ГО ГАРАНТИРА тоа (само да потсетам на оптимизмот и сигурноста која ја имавме дека ќе влеземе и шокот што го доживеавме кога каколаден туш дојде одлуката во Букурешт во 2008 дека нема да влеземе). Влегувањето во НАТО не значи ништо посебно, не носи подобра економска ситуација само по себе и нема да има видливи промени на краток рок. Членството во светската здравствена или трговска организација има поголема вредност од членството во НАТО. Посебно не во овој период. И тука е клучниот заеб. За членство во НАТО треба да смениме СЕ, и НЕПОВРАТНО. Затоа што кога ќе го изгласаме на референдум дури и да не не примат нема назад. Тоа е. Крај. Не можеме пред светот да кажеме после „не важи.“
И затоа се бориме против тоа, да не се откажеме од жртвата на нашите предци, татковците, мајките, дедовците и бабите, да ни направат држава, да ни дадат место кое што можеме да го викаме ДОМА, нешто за кое се бореле години наназад и конечно ние имаме можност да го живееме, а ние го тргуваме за неизвесна иднина. Се бореле да бидат Македонци и да имаат држава која ќе се вика Македонија. Држава во која сите ќе имаат еднакви права. И ние сме првата генерација која го живее тој комфорт, во слободна и независна држава (во која не викам дека е лесно да се живее, ама има далеку, далеку полоши состојби па не си ги поткопуваат корените) и на првата кривина… „не бе…ќе го смениме името.“
Не сакам да зборувам за правните аргументи зошто не треба да се гласа на референдумот, зошто истиот е нелегитимен, неуставен, не релевантен и слично. Има добри експерти кои доволно кажаа за се. И се е точно. Но на кратко, НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГЛАСА затоа што:
1. Прашањето за референдумот е глупо, потврдниот одговорот не знаеме каква промена носи, и во најмала рака е недостоинствено. „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција“? Абе ај… Нас не прашува некој дали сме за влез во ЕУ или не сме. Сите не чекаа таму уште ние требаше да кажеме. Баш би сакал да знам дали Канцеларката кога ќе дојде, ќе не праша дали сме за влез во ЕУ и кога сите ќе кажат „ДА“ ќе ни рече „епа шо не кажавте до сега…ајде во ЕУ одма.“ И тоа е нешто што најмногу ме нервира. Мешањето на странци во внатрешни прашања (Секогаш се мешале, точно…). Ама нели се плашат од странско влијание и „фејк њуз“ и еден куп регулатива се усвои за да се заштитат и сега ни срам ни перде ете ги. И не друго туку ќе промовира Европски вредности. Прашањето е недостоинствено затоа што покрај што не знаете што точно не прашуваат, туку и прашува да си го смените името за пари. Исто како да ве праша некој дали би имале секс за пари (а ти не можеш ни да прашаш со кого…? „со некој… ќе видиме“). Па барем малку достоинство да имаме, а тие малку срам. И мислам дека историски мајките и жените излегле поголеми „мажи“ од мажите во многу ситуации па како и претходно се надевам дека и сега ќе ни ја одбранат „машкоста.“
2. Договорот е дилетантски и капитулантски, и покрај што аматерски регулира некои сериозни ВНАТРЕШНО МАКЕДОНСКИ прашања, прави отстаптки какви што никој разумен не би помислил. Помеѓу другото:
– Воопшто не е добрососедски, Грција не прави ништо дополнително во однос на привремената спогодба од 1995 година.
– Гранциите околку јазикот се вештачки… истиот е признат (препознаен како автентичен) од ООН уште во 1977 на ООН конференција, и тоа токму во Атина. Нема што сега Грците да ни даваат гаранции и амин за јазикот.
– Mалцинства кај не признати од Грција (и Бугарија) сега и Македонија не ги признава луѓето кои со години се репресирани заради тоа што се а со кои дели иста култура, јазик и потекло (иако никогаш не живееле во заедничка независна држава). Па има ли поголема беда од тоа. Поголем срам како држава.
3. „Дилот“ што го добиваме со договорот е крајно лош. Менуваме буквално се и неповратно за влез во НАТО, нешто што го заслуживме одамна и што по влегувањето нема да ни донесе којзнае какви видливи подобрувања. Менуваме за шанса која е неизвесна дека можеби нешто ќе се промени, а се е крајно неизвесно. Другиот аргумент што го слушнав е дека ќе се смират меѓу-етничките тензии во државава по влегувањето во НАТО. По мене и едниот и другиот аргумент не држат затоа што шансата е неизвесна, не е проблем името (тоа е приказната на ВМРО и СДСМ 27 години дека името на државата е криво за се) туку е проблем корупцијата. Очигледно дека и со новото раководство на државава праксата не се менува и дека парче се прави со коруптивни зделки и дека не е дека нема пари…скандалот со 35 милиони во здравство само е приказ за тоа. Се обидуваме да фатиме некој short-cut кон ЕУ и да ги оставиме зад нас наталожени и вкоренети проблемите кои ги имаме пред се од коруптивна природа. ЕУ го знае тоа и праксите кои ги гаеме и одржуваме долго време сами ќе треба да си ги прекинеме. Меѓу-етничките проблеми својата основа ја немаат во евро-интеграциската иднина на државава, а влегувањето во НАТО не ги решава, примерите се многу свежи Северна Ирска (републиканци и лојалисти), Шпанија (Баскија, Каталонија), Турција (Курдското прашање) и сл. Македонија ни приближно не е во редот на овие држави за да може да се справува со проблемот на сличен начин туку мора на друга основа да ги решава етничките прашања.
4. Конечно, НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГЛАСА, затоа што после големиот неуспех кој ќе следи по референдумот (не влегувањето во ЕУ, нерасчистувањето со корупцијата, лошиот животен стандард и слично) да се обвини народот , дека демек НАРОДОТ ТАКА ОДЛУЧИ и да се има колективна одговорност. Ова е последниот чекор, референдумите обично се, од кој нема назад. Доколку се одбие да се одговори на прашањето, сепак ни останува некаква можност, подобра преговарачка позиција за да добиеме повеќе во меѓународна политика од само членство во НАТО.
Нема да пишувам повеќе на темава за референдум. Нема потреба од бришење или блокирање. И ова е мој став и не е став на организациите во кои сум работел или работам”.