Жбогар и Алтхаузер во Прилеп


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Амбасадорите на ЕУ и на Германија, Самуел Жбогар и Кристине Алтхаузер вчера го посетија Прилеп во рамките на кампањата ЕУ за тебе.

На состанокот со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, тие се информираа за тековната состојба со реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и за санација на канализационата мрежа во градот. Европската унија има обезбедено 21,5 милиони евра за реализација на еден од најзначајните инфраструктурни зафати во општина Прилеп. Пречистителната станица ќе има капацитет да ги прими отпадните води од 95.000 жители.

Покрај овој зафат, во прилепската локална самоуправа со европски финансии се реконструира и надоградува канализационата мрежа во должина од 65 километри. Кога ќе заврши изведбата на двата паралелни проекта, дури 95 проценти од жителите на Прилеп ќе бидат поврзани на унапредената инфраструктурна мрежа. Од делегацијата на Европската унија во земјава информираат дека Прилеп е една од општините во Пелагонискиот регион која што има бенефит од програмата за справување со поплави. Во рамките на проектот вреден 10 милиони евра, се реализираше чистење на 46 километри од коритото на Црна река.

Помошта која Европската унија и ја доделила на нашата земја преку ИПА 1 програмата изнесува над 80 милиони евра за периодот од 2007 до 2013 година. Програмата ИПА 2 предвидува алокација на 100 милиони евра за идни инфраструктурни проекти во наредниот период.