Жан Митрев се кандиса да ги симне цените: Наместо 12.000 евра, за десетдневен третман ќе се плаќа од 6.000 до 8.000 евра


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Приватната болница „Жан Митрев“ соопшти дека одлучила да ги намали цените за лекување ковид-пациенти откако ова беше една од темите на разговор на средбата со министерот Венко Филипче, но и откако високите трошоци за приватно лекување изминатиот период предизвикуваа реакции во јавноста.

„Досега пациентите плаќаа 12 000 евра, а отсега: за пациенти што ќе се лекуваат со полуинтензивна нега, лекување во траење до 10 дена ќе чини 6 000 евра; за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде што биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10-дневно лекување ќе изнесува 8 000 евра“, соопштија од болницата.

Оттаму додаваат и дека за 10 проценти ќе ја намалат цената на хемофилтрацијата. Една хемофилтрација досега чинела 4 000, а сега ќе биде 3 600. Оваа метода, нагласуваат, се применува само по согласност на семејството на пациентот.

„Имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици, т.е можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти што се лекувале во нашиот ковид-центар одобруваме 50 проценти намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови“, велат од болницата.

Во „Жан Митрев“ во моментов се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти од ковид-19, а од нив 40 се на респиратор. Министерот Венко Филипче ја поздрави одлуката и очекува и други да го следат примерот.

Вчера тој изјави дека за ова разговарале на состанок со медицинските директори на клиниките. Од „Систина“, како што рече, веднаш кажале дека нема да ги намалат цените затоа што им е економски неисплатливо.