Зголемување на платите во пресрет на референдумот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Зголемувањето на платите во здравството и во образованието може да влијае на исходот на референдумот за името, но тоа влијание не може да биде суштинско, велат аналитичарите.

На неполн месец пред одржувањето на референдумот владата најави дека ги зголемува платите во здравството за 5 проценти. Неколку дена претходно беше соопштено дека за исто толку се зголемуваат и платите во образованието. Иако зголемувањето беше предвидено со буџетот уште од почетокот на годинава, не може да се избегне од впечатокот дека покачувањата доаѓаат во ек на кампањата за референдумот.

Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС вели дека во изминатите години веќе се навикнавме зголемување на плати, пензии или некакви социјални бенефиции да се даваат пред избори. Тој посочува дека овој пат не се гласа за партии, туку за едно од најважните општествени прашања, но оти политичарите знаат дека ваквите покачувања функционираат.

„Секогаш имало, на секои избори. Она што е давањето од државата, употребата на нејзината редистрибутивната моќ секогаш имало влијание. Видовме дека Груевски за тоа беше мајстор, ВМРО-ДПМНЕ тоа обилно го користеше, па така и остануваше најмногу на власт во изминатите години и покрај сите глупости во коишто ги фаќаа секојдневно. Тоа едноставно кај нашиот народ сите увиделе дека пали“, вели Цветкоски.

Тој вели дека против референдумот се вложени огромни пари, претежно од структури поврзани со поранешната власт, но оти и владата не реагира наивно.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, вели дека покачувањето на платите може да влијае на епилогот од референдумот, но оти тоа влијание не може да биде суштинско.

„Овие работи во последните денови повеќе може да помогнат во наративот кој владејачкото мнозинство евентуално би го имало со најголемата опозициска партија, но не верувам суштински во референдумот. Според мене, за референдумот е најбитно на граѓаните да им се објаснат придобивките од позитивното изјаснување на референдумското прашање или штетите кои евентуално може да ги претрпиме ако референдумот не биде изгласан“, вели Муслиу.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште на почетокот на месецов побара да запрат сите тендери и огласи за времени вработување во државните институции, зашто сметаат дека со злоупотребата на ресурсите и буџетот се корумпира гласачкото право на граѓаните.

Извор: Радио Слободна Европа