Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Целиот вчерашен ден во Италија грмеше приказната за Џанлуиџи Донарума, сите останати спортски вести беа фрлени во втор план. Одлуката на младиот голман, преку неговиот менаџер Мино Рајола, да го одбие понудениот договор од Милан гп запали Апенинскиот полуостров. Социјалните мрежи вријат само за тоа, талентираниот голман го доби прекарот „Доларума“. Не само што ги разочара „Росонерите“ кои во него гледаа нова икона на клубот од рангот на Барези или Малдини, туку и го понижи славниот италијански клуб.
Секој момент излегуваат нови детали за најголемата трансфер драма и сага во досегашниот дел од преодниот рок. Како што се знае, Џиџи Донарума има договор до следното лето кога може да си замине без обештетување. Ќе видиме дали Милан ќе ризикува и ќе го пресели на трибините на една цела година (некои предлагаат прекоманда кај Гатузо во младиот тим) или ќе го продаде ова лето за да заработи.
После состанокот на директорот од Милан, Фасоне, и менаџерот на Донарума, Рајола, во јавноста протекоа сите детали од целата приказна која се вртеше по медиумите изминативе недели. Милан на Донарума му понуди и повеќе од 5 милиони евра по сезона како плата, што е максимална граница за играч од 18 години, со што ќе го направеше да биде најплатен играч во тимот. Од почетокот беше јасно дека Милан удира во клин, а Рајола во плоча. Разбирливо, бидејќи на Мино најмалку му одговара Донарума да остане.
Славниот и контроверзен спортски менаџер како прв изговор пред почетокот на преговорите го истакнуваше фактот дека неговиот клиент сака да игра во поамбициозен клуб кој ќе се бори за трофеи и дека парите не му се најважната работа. Милан навистина претходните години личеше на руини од некогашниот гигант и не беше конкурентен, но затоа Донарума и доби шанса со 17 години да биде прв голман на голот од „Росонерите“.
Кога новите сопственици експресно вложија пари во засилувања и доведоа неколку атрактивни играчи со кои Милан би имал големи шанси да се врати во врвот на италијанскиот и европскиот фудбал, на Рајола му пропадна аргументот за недостаток на амбициозност на Милан и тој ас му беше исфрлен од ракавот. Финансиската понуда, исто така, беше добра, така што на префриганиот менаџер му требаше некоја друга причина за да ја одбие понудата на Милан.
Одолговлекуваше и чекаше на грешка од Милан и…дочека.
Тој како нова причина за одбивањето на новиот договор на вчерашниот состанок, го наведе тоа што спортскиот директор Мирабели зад негов грб му се јавил на таткото од Донарума. На Мирабели му се смачи сето тоа тегнење и неизвесност, па сакаше да го знае одговорот од Донарума и неговото семејство. Рајло збесна поради тоа и тој аргумент го искористи против Милан. Дури и на вчерашниот состанок во „Каса Милан“ дојде под услов Мирабели да не пристувува на состанокот. Милан му го исполни тоа, па само Фасоне беше присутен како претставник на „Росонерите“. Ова значи дека Рајола заврши со Милан додека е таму Мирабели, а веројатно и на подолг рок.
Генералниот директор на Милан ја претстави понудата, а се обиде и да го убеди менаџерот, но беше јасно дека одлуката е одамна донесена и дека Рајола нема никакви намери тој и неговиот клиент да го потпишат новиот договор. Под никакви услови. Се зборуваше и за фамозната клаузула во новиот договор. Рајола сакаше фиксна откупна клаузула во висина од 50 милиони евра ако Милан не влезе во Лигата на шампионите, а клубот тоа никако не можеше да си го дозволи.
Вистината е дека на Рајола во никаков случај не би му одговарало неговата „златна кокошка“ да остане во Милан. Негова работа е што повеќе да заработува од провизиите на трансферите и неговите клиенти што почесто да ги менуваат клубовите, како во случаите со Ибрахимовиќ, Погба, Мхитарјан и други. Провизиите кои тој ги заработува се брутални. Само од трансферот на Погба минатото лето на својата сметка инкасираше 48,5 милиони евра. Такво нешто сигурно планира и со Донарума.
Донарума од клубски миленик на навивачите од Милан за кратко време прерасна во предавник. Дури и клупските легенди го кренаа својот глас.
„Сакам луѓето и менаџерите да сфатат дека овде зборуваме за Милан, а не за некој пропаднат клуб. Овој клуб седум пати беше првак на Европа и е гордост на италијанскиот фудбал. Мора да постои некаква почит кон клубот кој како тинејџер ти дал шанса да бидеш стандарден првотимец и голман во Серија А. Една работа е кога сакаш да заработуваш повеќе, а сосема друга кога под никакви услови кои ти се нудат, не сакаш да го продолжиш договорот. Тоа е понижување на клубот. Донарума е полнолетен и има морална обврска да објасни што се случи“, изјави Џовани Гали, легендарниот голман од генерацијата која ја тресеше фудбалска Европа со Ариго Саки.
Лут е уште еден бивши ас од славната генерација – Даниеле Масаро.
„Кога Интер ми понуди договор и ми ветуваше дека ќе добијам сè што сакам, го одбив и заминав за Јапонија од почит кон Милан. Не знам кој е виновен за ова со Донарума, но тој навивачите ги држеше во заблуда. Ако неговите одбрани му донесоа на Милан шест бода во првиот дел од сезоната, тогаш да бидеме чесни и да кажеме дека неговите грешки го чинеа Милан шест бода во вториот дел од сезоната. Мислам дека тој одамна направи договор и дека оди во Јувентус“, изјави Масаро.
Повозрасните фанови на Милан ја паметат и милановата легенда Енрико Албертоси.
„Лудило е на момче од 18 години да му понудите 5 милиони евра по сезона. И уште поголемо лудило е тоа момче да одбие таква понуда од клуб каков што е Милан. Го предаде клубот кој му даде шанса на 17 години. Не е виновен агентот, туку играчот. Играчот е тој кој секогаш на крајот одлучува. Да сакаше, ќе останеше“, изјави Албертоси.
Останува да видиме што ќе биде со Донарума. На потег е Милан: Продажба веднаш или една година изолација?