Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Световите слични на Земјата со сличен сооднос земја-океан со овој на нашава планета може да се исклучително ретки.
Според една нова студија, планетите слични на Земјата, на кои околу 30% од површината се покриени со изложена континентална земја може да сочинуваат само 1% од карпестите светови во ѕвездените зони погодни за живот, т.е. областите околу ѕвездите каде што може да постои течна вода на површината на планетата. Наместо тоа, на околу 80% од потенцијално населивите светови целосно доминира копно, а околу 20% се чисто океански светови, покажа студијата.
Истражувачите дошле до овој заклучок со моделирање на односот помеѓу водата во Земјиниот плашт и планетарното рециклирање на копното преку тектониката на плочите.
„Ние Земјаните уживаме во рамнотежата помеѓу копнените површини и океаните на нашата родна планета“, вели во соопштението Тилман Спон, извршен директор на Меѓународниот институт за вселенска наука во Швајцарија и член на истражувачкиот тим. „Примамливо е да се претпостави дека некоја втора Земја би била иста како нашата, но нашите резултати од моделирањето сугерираат дека тоа веројатно не е така.“
Резултатите покажуваат дека соодносот земја-море (1:3) е прецизно избалансиран и дека кај повеќето планети, овој сооднос лесно може да се претвори во најголем дел копно или најголем дел море. Спон и неговиот соработник, Денис Хонинг, постдокторски истражувач во Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам во Германија, заклучија дека најверојатниот момент да се случи оваа точка на пресврт е кога внатрешноста на планетата ќе се олади приближно колку температурата на Земјиниот плашт, која е 1.410 Целзиусови степени во близина на кората и до 3.700 Ц на поголеми длабочини. Дали на планетата ќе доминира копно или океан зависи од тоа колку добро зоните на субдукција на границите помеѓу тектонските плочи можат да ја рециклираат водата над копното на оваа температура на плаштот.
Земјата ги добила овие услови пред околу 2,5 милијарди години, на крајот на археанот, а нашата планета дошла до деликатната рамнотежа во која живееме денес. Сепак, во текот на милијарди години, дури и фината Земјина рамнотежа е нестабилна, иако ние тоа не го забележуваме бидејќи стапките на промена се мали, вели Спон. Другите планети би можеле да ја достигнат оваа пресвртна точка многу порано.
„Во моторот на тектониката на Земјините плочи внатрешната топлина ја поттикнува геолошката активност, како што се земјотресите, вулканите и градењето планини, и резултира со раст на континентите“, рече Спон. Од друга страна, „Ерозијата на копното е дел од серијата циклуси што разменуваат вода помеѓу атмосферата и внатрешноста. Нашите нумерички модели за тоа како комуницираат овие циклуси покажуваат дека денешната Земја можеби е исклучителна планета“.
Спон и Хонинг, исто така, разгледале и други фактори, како на пример како испуштањето јаглерод диоксид (стакленички гас) придонесува за циклусот на јаглерод-силикатот, кој дејствува како долгорочен термостат на планетата, кој ја контролира климата во текот на милиони години. Откриле дека, иако и копнените и водните планети сепак би можеле да бидат поволни за живеење, со слични температури доколку сè друго е еднакво, нивните форми на живот и клима воопшто не би биле слични на оние на Земјата.
„Нивната фауна и флора може да се сосема поинакви“, вели Спон.
Моделите покажале дека планетите во кои доминираат океаните со помалку од 10% земја најверојатно би биле топли, со влажна атмосфера и тропска клима, додека световите на кои доминира копно и помалку од 30% се покриени со океан, би биле постудени, посуви и поостри од водните планети. На овие планети во кои доминира копно, студените пустини би се протегале низ копнените маси, а огромните глечери и ледените плочи би биле вообичаена глетка.
Сепак, резултатите на Спон и Хонинг малку се различни од оние на другите истражувачки тимови. На пример, една студија на Евелин Мекдоналд од Универзитетот во Торонто покажа дека кај плимно заробените планети, колку повеќе копно има, толку се поголеми просечните температури на површината воопшто. И можеби најпознатото истражување за копнените планети, предводено од Јутака Абе од Универзитетот во Токио во 2011 година, покажа дека копнените планети може да останат поволни за живеење на многу поголеми растојанија од нивната ѕвезда отколку водните светови и дека не замрзнуваат толку брзо бидејќи имаат помалку вода за мраз и снег. Сепак, студијата на Абе, заедно со другите, се согласува со заклучокот на Спон и Хонинг дека планетите на кои доминира копно би биле многу почести од планетите слични на Земјата или од оние богати со вода.
Следствено на тоа, наместо да ја бараат типичната „бледосина точка“ на Карл Саган, астрономите треба да бараат „бледожолти точки“ погодни за живеење, вели Спејс.
Резултатите беа претставени на Европскиот научен конгрес, кој се одржа во Гранада, Шпанија, од 18 до 23 септември, а наодите се опишани во резимето на конференцијата на тимот.