Зеленски го посети Змискиот остров на 500-тиот ден од почетокот на руската воена инвазија врз Украина (снимка)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 500-тиот ден од почетокот на руската инвазија врз Украина го посети Змискиот остров во Црното Море.

Зеленски изјави дека им оддаде почит на украинските херои кои ги дадоа своите животи во битката за тој остров.

„Слободниот остров на слободна Украина“. Благодарни сме на сите што се бореа овде против окупаторот. Им оддадовме почит на хероите кои ги дадоа своите животи во оваа битка – една од најважните за време на војната од целосен обем. Слава на сите што се бореа за безбедност на нашето Црно Море!“, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека од тоа место на победа сака да му се заблагодари на секој украински војник за 500-дневниот отпор на руските сили и изрази уверување дека Украина ќе ја добие војната.

На видеото се гледа дека Зеленски со брод пристигнал на Змискиот остров, придружуван од шефот на неговиот кабинет Андрије Јермак.

Островот на змиите е една од најважните стратешки локации во Црното Море, кој беше заземен од руските сили во февруари 2022 година, а Украина ја врати контролата врз островот на 30 јуни 2022 година.

На ова му претходеше потонувањето на рускиот крстосувач „Москва“ во април, а потоа Министерството за одбрана на Русија неговото повлекување го нарече „гест на добра волја“.