Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Познатиот некогашен српски фудбалер и тренер, Синиша Михајловиќ, денеска беше погребан во Рим.
На последното испраќање на легендарниот Миха присуствуваа илјадници луѓе, меѓу кои и голем број негови поранешни соиграчи и познати фудбалски имиња. За последен пат од Михајловиќ, меѓу другите, се простија Роберто Манчини, Бруно Конти, Чиро Имобиле, Франческо Тоти, Дејан Станковиќ, Александар Коларов, Џанлуиџи Донарума и многу други.
Од својот поранешен тренер се прости и целиот тим на Болоња, на чија клупа Михајловиќ седеше до почетокот на септември годинава.
Михајловиќ почина во петокот на 54-годишна возраст по долга и тешка битка со леукемија.
Уште во јули 2019 година му беше дијагностицирана леукемија. Неговата здравствена состојба во еден период се подобри, па тој му се врати на фудбалот и повторно ја презеде Болоња. Но, болеста потоа се врати.
Михајловиќ беше роден во Вуковар. Кариерата ја почна во Борово, по што настапуваше за Војводина, Црвена ѕвезда, Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.
Со Црвена ѕвезда ја освои титулата европски првак во 1990 година како дел од генерацијата со Дарко Панчев и Илија Најдоски., а беше и шампион на Италија со Лацио и Интер. Со Лацио триумфираше во Купот на УЕФА и Суперкупот.
За репрезентацијата на Југославија одигра 63 натпревари и постигна десет голови.
Михајловиќ ќе остане запаметен како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Заедно со Џузепе Сињори се единствените играчи во историјата на Серија А кои постигнале три голови на еден натпревар од слободни удари.
Синиша Михајловиќ го држи и рекордот, заедно со Андреа Пирло, според бројот на постигнати голови во Серија А од слободни удари (28).
Како тренер, пак, во два наврати ја предводеше Болоња, а седеше и на клупите на Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино., како и на репрезентацијата на Србија.