Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Tимот археолози од кумановскиот музеј утре го завршува истражувањето на локалитетот Црквиште во кумановско Клечовце, соопштија денеска надлежните од националната установа.
Археологот кој го предводи тимот, Дејан Ѓорѓиевски, изјави дека ископувањата се вршени во неколку сектори, во внатрешноста на црквата, на северниот брод кој претходните години не е работен и на топлиот дел од бањскиот комплекс, со што целосно е отоврена ранохристијанската базилика.
– Отворен е атриум, предворјето на самата црква и таму откривме интересни наслојувања, еден слој од среден век и слој кој што бил дел од римската бања. Делот кој што се користи во средниот век, односно некои ѕидови се наследени од римската бања и се преадаприрани за да се користи црквата, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека археолозите работеле и надвор од самата бања покрај нејзините надворешни ѕидови.
– Работевме покрај западниот ѕид и ги откривме западните простории, односно, ложиштето преку кој доаѓал топлиот воздух за подното греење во бањата, кое што потоа служи за предворјето на самата црква, нагласи Ѓорѓиевски.
Директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска изјави дека трета година по ред Министертвото за култура ги поддржува истражувањата на овој локалитет на кој првин е откриена ранохристијанска базилика, а потоа и римска бања терма.
– Се работи за цел римски град кој се протега на површина од 14 хектари. Станува збор за огромно културно наследство со кое располага кумановскиот крај, изјави Цветановска.
Археолозите се надеваат дека и идната година ќе продолжат истрaжувањата за овој значаен локалитет. Локалитетот Црквиште, како што информираат надлежните, нуди можност да се открие развојот за еден римски град во христијански и да се објасни континуитетот што тој го имал во својот развиток се до 11 век. Инаку, локалитетот е лоциран во близина на магистралниот пат кој води кон Бугарија на мошне пристапен терен, така што неговото целосно откривање ќе овозможи привлекување на домашни и странски туристи.