Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На денешното судско рочиште за случајот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието и крвавите настани таму, беше предвидено завршното обраќање на обвинителката Вилма Русковска.
„Обвинетите кои седат пред вас чесен суде, а тоа се: Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски изготвиле план за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, со цел да го спречат мирното примопредавање на власта, што доведе до напад на Собранието на 27 април 2017 година и тоа го докажавме“, го почна обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска завршниот збор за обвинението против организаторите на нападот пред четири години, пренесува СДК.
Русковска направи, како што рече, мали измени на обвинителниот акт, односно во изрекатa и од организатори на протестите и превоз на учесниците на протестите, обвинетите станаа директни организатори на нападот и за тоа достави нови пораки меѓу Груевски и Вељаноски, меѓу Вељаноски и пратениците, итн.
Како што кажа Русковска, Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, и Никола Бошкоски од УБК кој се бара со потерница, по неуспешните преговори за формирање парламентарно мнозинство од страна на ВМРО-ДПМНЕ, направиле план за спречување на мирно примопредавање на власта на СДСМ.
Уште во февруари 2017 година Груевски ги повикува граѓаните : „Народот да не седи дома во папучи, да ја земе судбината во свои раце”, потенцираше шефицата на ОЈО за организиран криминал Русковска.
Трајко Вељаноски требало да оневозможи избор на претседател на Собранието со помош на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и не дозволил, иако Оливер Спасовски со потпис на 10 пратеници предложил да се премине на точка избор на претседател на Собранието. Но, во завршниот збор Русковска се врати на воинствените и поттикнувачки пораки што ги праќал Вељаноски од својот мобилен: „Мораме да удриме јако”, „Ќотек за комуњарите во Прилеп”… Зборот ќотек тој често го употребува до 27 април 2017 година.
По пораката „Ако треба и со жив штит ќе спречиме избор на претседател на Собранието“ на мониторите се појави жив ѕид од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, на што Русковска рече: „Еве го, чесен суде, го живиот ѕид“.
На ова бурно реагираше одбраната: „Какви се овие слики во позадина на завршен збор“, а судијата Илија Трпков рече дека за тоа се изведени докази и дека во завршен збор на одбраната и таа ќе може да илустрира на ист начин со веќе изведени докази, ако сака.
Русковска читаше пораки од обвинетите Ристовски и Јанакиески и за присилно вадење на што помасовен број на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.
За нив Русковска рече дека не само што ги организирале протестите, туку ги организирале преку општинските и месните комитети.
„И што правиме со овие докази од една страна, контра сведочењата на членовите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдеа дека никој не ги организирал за протестите? Ќе им порачам дека постои кривична одговорност за давање лажен исказ пред суд”, рече Русковска.
Миле Јанакиески и Спире Ристовски секојдневно и непосредно ги организирале протестите со цел да се спречи избор на претседател на Собранието. Договарале насилство во случај да има обид за избор.
Владимир Атанасовски и Никола Бошковски ги организирале и ги координирале активностите и деталите околу протестите, преку Никола Митревски – Кољо и Александар Василевски – Нинџа, со цел да се пречи мирно примопредавање на власта од ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ. Под себе ги имале сите патриотски здруженија, водачи на протестите и останати платеници. Во исто време, осудениот Митко Чавков постојано го намалувал бројот на полицијата и нивните активности.
Груевски од Виена пишувал: „Ве молам лицата за интервенции нека излезат, нека бидат на готовс. Во секој момент може да дадеме насоки”
Благој Василевски, кој бил во Виена, во 14.30 контактирал со брат му Нинџа и потоа со патриотските здруженија, дале насоки да се тргне кон Собранието.
За тоа време, пред 16 часот Вељаноски го информира Груевски дека Заев одржал прес. Потоа во 17 часот го информира дека ќе се бира Талат Џафери за претседател на Собранието.
Во исто време, во пленарната сала, кога одбива да премине на точка за избор на нов спикер, Вељаноски му дава на Зекирија Ибраими преку ред збор, да ја испее и ја испеа химната на Албанија.
Потоа амнестираните Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвориле вратите и толпата насилници влегла во Собранието. По претходна синхронизација со Чавков, полицијата внатре и околу Собранието, била минорна, малубројна.
За тоа време во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 8. кат со влезените насилници командувале Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
Ристовски: „Појачајте се, помасовно да биде”
Јанакиески: „Качете се во прес сала кај Заев”.
Никола Бошкоски по наредба на претпоставениот Владимир Атанасовски, донел оружје пред Собрание. Атанасовски ја дал наредбата двајцата од УБК да ги извадат хард дисковите од безбедносните камери во Собранието за да се прикрие терористичкото загрозување на уставниот поредок и безбедноста што за жал, рече Русковска, не им успеа на обвинетите.
Судењето почна на 26 февруари 2020 година со воведни зборови на Русковска.