Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Во 19:30 часот се затворија сите избирачки места на кои граѓаните на Македонија денеска гласаа на локалните избори.
Иако беше предвидено избирачките места да бидат затворени во 19 часот, изборниот процес продолжи половина час додека не гласаа граѓаните кои беа затекнати во објектите за гласање.
Партиските раководства се во нивните штабови, каде ги чекаат резултатите од гласањето, кои се очекува да бидат објавени околу полноќ.
Претседателот на ДИК на прес-конференцијата во 19 часот повика на воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.
– Во согласно со Изборнот законик гласањето завршува во 19 часот. Во врска со гласањето каде се затекнати гласачи пред објектот ДИК смета дека е добро да се излезе во пресрет на гласачите и затоа повикуваме до 19:30 часот да се воздржат од активности партиите, медиумите и сите други. ДИК смета дека ова е најдобро решение, истакна Даштевски.
Најави дека резултатите ќе бидат внесени директно од избирачките места за првпат во историјата и ќе бидат достапни на веб-страницата на ДИК за Локалните избори 2021.
– Што се однесува до излезноста на 2.785 избирачки места процентот е 79,25. Вкупен број на запишани избирачи на тие места е 1.415.409, вкупен број на избирачи кои гласале на тие места од кои пристигнале податоци е 697.637, а процентот на избирачи кои гласале во изборните места од кои пристигнале податоци е 49,29, изјави Даштевски.
На денешните седми локални избори право на глас имаа 1 824 864 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места.
Граѓаните својот глас можеа да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.
Првпат оваа година гласачите се идентификуваа со уреди за биометриска идентификација преку отпечаток од прст. Овие уреди ги содржат само личните податоци за гласачите од Избирачкиот список во избирачкото место.
Исклучок од гласањето со уреди за биометриска идентификација се лицата кои гласаа вчера – болните, немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања биле прифатени од општинските изборни комисии. Вчера гласаа и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.
Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.
Локалните избори ги мониторираат 1045 набљудувачи од кои 714 домашни. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи.
Поради пандемијата со Ковид -19, Локалните избори се спроведуваа со почитување на општите мерки за заштита од Ковид-19.