Заум – бисерна зеница на Охридското езеро


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Летните денови се на самиот праг за оваа година, а со самото тоа и плановите за крајводни забави, лудории, дружења и опуштање. Но, вкусовите на луѓето, исто како и самите луѓе, никогаш не се исти за сѐ, па ни за начниот на кој најмногу сакаат да уживаат разладувајќи се во летните горештини. Доколку вие сте едни од оние кои ги љубат и преферираат мирот, тишината и немиот разговор со езерските бранови и камчиња, местото Заум е вистинскиот избор за вас. Затоа следува и мало претставување на истото во оваа, по подолго време, нова репортажа.

Кон заливот на Свети Заум

На брегот на Охридското езеро, на источната страна, оддалечено околу 20 километри од градот, до селото Трпејца, се наоѓа мал и див, како од Бога намерно така зачуван, но не и од луѓето достојно сочуван и одржуван, рај до кој, за среќа, најлесно (и можеби единствено, со оглед на тоа дека евентуално има и некој пешачки пристап, за кој ние не сме сигурни) се стигнува по воден пат.

Црквата

Меѓу народот познато како Заум, поради црквата Света Богородица Захумска, кај народот позната како Свети Заум, ова парче дивина на благите езерски води на охридскиот воден бисер е едно од последните крајезерски уточишта каде ќе бидете облагородени од вистинска и ненарушена тишина, која за жал е одамна заборавена по другите плажи.

Исто

Од еден натпис во внатрешноста на црквата се дознава дека таа е изградена и живописана во 1361 година. Црквата ( како и Света Богородица Перивлепта и Свети Јован Богослов-Канео) е градена во форма на впишан крст, со купола, која се издига во централниот дел. Подигната како задужбина на кесар Гргур, брат на Вук Бранковиќ, а за време на деволскиот епископ Григорие.

ретката фреска Млекопитателица, за жал, незаштитена, прилично уништена од времето и нагредена од човечка рака

Она што претставува раритет и привлекува најголемо внимание кај сите посетители е претстава на фреската Млекопитателица на која света Ана ја дои малата Марија. Во втората зона се сцени од циклусот на света Богородица, а во другите зони се наративно прикажани сцените за Христос.


поглед оддалеку на заливот

Заливот на свети Заум претставува вистински проѕирен бисер на охридското езеро, имајќи го во предвид фактот дека езерската вода тука е во едно од своите најчисти крајбрежни изданија. Спојот на кристално бистрата вода, шумот на блиското зеленило, топлината и немиот пулс на воздухот и спокојот кој се шири како хармонична симфонија во заливот го облагородуваат духот, ги смируваат мислите и го успокојуваат срцето.



Раскошната глетка која се простира од нискиот брег на заумската рајска дивина го храни погледот со прекрасни пејзажи на струшката страна од езерото, Јабланица, ги сити очите со игрите на брановите, со виножитното прелевање на сончевите зраци во игра со водата и ги полни сетилата со синестезија од свежина, езерски мирис и блажината која се слева од густиот шумски појас над заливот.

Освен повремените кајчиња кои привремено застануваат на плажата од Заум и намерниците кои доаѓаат тука на неколкудневен престој со шатори, галебите, рибите и понекоја мала водна змија (кои се безопасни) се единствените редовни жители и посетители кои можат да се сретнат на брегот и во водата.


Местото, како и секое друго крајбрежно рибарско подрачје, изобилува со легенди и митови поврзани со жестокотста и суровоста на езерските води во близина на Заум.

Една легенда поврзана за таканаречениот „охридски бермудски триаголник“ кој наводно го лоцираат во близина на Трпејца и Заум, вели дека еднаш шест големи чунови, поредени на мирната површина на езерото, рамномерно се движеле, терани од искусни веслачи. Пловеле кон брегот на Поградец, на албанската страна на езерото. Заповедникот, едновремено и сопственик на таа флота, Аслан Фрашери, со куси и отсечни команди упатени кон веслачите, се обидувал да го забрза конвојот, оти небото над Свети Наум изгледало заканувачки и ветувало дека нема да биде добро ако се задржат подолго на тоа место.


Изморени и зафатени со веслањето, од претоварените бротчиња, не можеле го да видат она што го гледал нивниот газда и да ги разберат неговите викотници. А тој, преплашен, гледал како од трите мали, како снег бели облачиња над Галичица, по стрмиот срт се спушта неприродна магличава сила, која над езерото донела студен бран и се заринкала во водата под чамецот во кој биле Аслан и петмина негови најдобри веслачи. Тука, на педесетина метри од заумската црква, глетката била страотна. Некаква невидлива сила во еден замав високо ги кренала сите шест чунови и додека испосникот Јован, единствениот жител во Заумската црква се свртел, чуновите ги снемало. Откако ги проголтало, езерото пак се смирило и водата станала како огледало. Свештеникот останал долго покрај брегот да се крсти за нивните души…

Голем број приказни за езерски незгоди и несреќи кои им се случувале на рибарите низ годините се запишани и зачувани. Сите сведочат за некакви чудни сили и невиден спој на ветрови во близина на Заум, Трпејца, па и Пештани.

Еден од сведоците во една прилика раскажувал: „Ретките кајчиња што одат или доаѓаат од Свети Наум го заобиколуваат тој простор (околу Заум и Трпејца), бидејќи, секој во мислите ги има легендите и митовите за несреќите што се случиле тука во езерото. Тука во езерото е и Црвената карпа. Ние мештаните ја викаме Крвава карпа бидејки постои приказната дека големиот бран на тоа место зафатил двајца браќа од Трпејца и ги удрил од карпата.“


Мештаните од Трпејца раскажуваат за чудни ветрови што се судруваат меѓу нивното село и Заум. Едниот, источниот и постуден, се спушта од врвовите на Галичица, а јужниот, топлиот доаѓа од спротива, од местото Лин во Албанија. На местото каде ќе се сретнат езерото “зоврива”, се подигнува голем бран, се создава вртеж во езерската вода, што во длабочината го зема сето она што ќе му се најде на патот.

„Изгледа“, вели еден од локалните жители, „ветриштата најчесто се судруваат во Заумскиот залив, кај местото Урвалиште или Јаурлица во езерото, таму каде што водата е најдлабока.“

Едно друго сведоштво вели дека тука, во 1953 година настрадал рибарот Ристо од Трпејца. Додека со тројца, четворица рибари од селото ги собирале мрежите, одеднаш, среде езерото се кренал голем бран и му го фрлил чунот високо во воздухот. Езерото со другите чунови си играло како да се лушпи од орев. Целата ситуација траела многу кратко. Кога стивнало езерото, засолнети под дрвениот чун, останале живи неговите четворица другари, а тој заедно со чунот исчезнал некаде во длабочините на езерото. После раскажувале како скриени под дрвениот чун, кој ги спасил, цело време гледале бела магличава прачка како се спушта од Галичица и го зоврива ова место во езерото”.

Сепак, и покрај овие и вакви сведоштва, легенди, верувања, искуства и митови, езерската вода во и околу заумскиот залив е веројатно најубавата и најчиста вода на сето крајбрежје. Раскошниот спој на високите карпи и тиркизната боја на езерото пред Заум ќе ве остават без здив, восхитени од моќта и жестоката убавина која природата ја создала и сочувала тука.

Енергијата и духот кои ќе ги почувствувате на овој подзаборавен земски рај ќе ја облагородат вашата физичка и духовна опстојба, а природната убавина неповратно ќе се вреже во вашето сеќавање. Заум е место кое, откако ќе го посетите еднаш, ќе сакате секогаш да навраќате за да му се нагледате, напливате и наситите.
Рибар на зајдисонце кај Заум