Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Три лица од Радовиш се измамени за вкупна сума од 460 илјади денари од три лица од Струга, село Дедино, Конче и Долно Оризари, битолско, информираа денеска од СВР Струмица.
Полицијата ги сомничи дека сториле кривични дела злоупотреба на лични податоци, измама при добивање кредит и друга погодност, компјутерска измама и изработка и употреба на лажна платежна картичка, пренесува Мкд.мк.
На чело на тричлената група измамници бил П.С.(31) од Струга, кој во периодот додека го сторил делото бил на издржување затворска казна во затворот „Идризово“, а измамата ја направил заедно со З.А.(51) од село Дедино, општина Конче и Ц.С.(47) од село Долно Оризари, битолско.
„Во периодот од септември до декември 2022 година, П.С. користејќи ја социјалната мрежа Фејсбук и со телефонска комуникација стапил во контакт со З.А.(51) на кого му дал насоки да собира лични податоци, трансакциски сметки и броеви од платежни картички од лица од Радовиш, по што З.А. обезбедил податоци од три лица од Радовиш и му ги доставил на П.С.“, информираат од СВР Струмица.
Со добиените податоци П.С. аплицирал за кредити во име на оштетените без нивно знаење, пристапувал и ги менувал нивни податоци во банкарскиот систем за електронско банкарство и вршел трансакции во нивно име, односно со нивни платежни картички.
„Поголемиот дел од паричните средства кои осомничениот З.А. ги подигал од сметки на оштетените му ги доставувал на П.С., кој во тој момент издржувал затворска казна во затвор „Идризово“, а мал процент задржувал за себе.
Третоосомничената Ц.С. со ставање на располагање на нејзината банкарска сметка му овозможила на првоосомничениот П.С. да располага со средствата стекнати на противзаконски начин, односно да врши електронски трансфер на парични средства од трансакциските сметки на оштетените, неовластено користејќи ги нивните платежни картички“, се додава во информацијата од СВР Струмица.
Според полицијата на ваков начин П.С. и З.А. противправно се стекнале со имотна корист од 463.959 денари на штета на три лица од Радовиш.