Авто мото

Запознајте го Bollinger B1 – не е некој убавец, но е првиот електричен теренец

Од Америка доаѓа уште едно изненадување. Додека многумина го очекуваат електричниот пик-ап од Tesla, на неколку часа возење од Њујорк доаѓа првото off-road возило на електричен погон.

Потпишан е од уште еден EV „старт-ап“, Bollinger Motors, а кон крајот на идната година би требало и официјално да се најде во продажба. Заинтересираните за ова уникатно возило кое според дизајнот стои на половина пат помеѓу две теренски легенди, Jeep Wrangler и Land Rover Defender, ќе треба да платат минимум 60.000 долари.

За таа цена ќе добијат крајно поедноставено возило, лишено од секаква шминка, но опремено со доста потентен електричен погон. Батериите со капацитет од 60 kWh се доволни за возење од околу 200 километри, па реално многумина ќе сакаат да доплатат за батерии со капацитет од 100 kWh за автономија од 320 км.

Bollinger B1 го движи електромоторен погон од околу 360 коњски сили и 640 Nm, а со погон на сите четири тркала достигнува брзина од 96 км/час за 4,5 секунди и има максимална брзина од 204 км/час.

Уникатниот теренец со два багажници тежи 1,7 тона и има корисна носивост повеќе од 6 тона. Компактните димензии (B1 е долг само 3,81 метри), подот на 40 см од земјата и теренските гуми го испорачуваат она најважното, а тоа се одлични маневарски способности на терен. И притоа работата си ја бркаат во тишина.

Advertisements
To Top