Започна судскиот процес против војниците обвинети за обид за убиство на Ердоган


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Судскиот процес против 47 лица, главно војници, започна во понеделникот во турска Мугла, под сомнение дека се обиделе да го убијат турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во хотелскиот комплекс на Егејското Море во текот на неуспешниот државен преврат од ноќта на 15-ти јули 2016 година.

Меѓу обвинетите се 37 војници. На тројца од обвинетите, по кои се трага, ќе им биде судено во отсуство, меѓу нив и на имамот Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД и кого Анкара го обвинува дека создал паралелни структури во правосудниот, образовниот и безбедносниот систем на земјата и оти стои зад пучот. Ѓулен, од своја страна, го отфрли обвинувањето и го осуди државниот удар како метод за соборување на власта, но Вашингтон уште не одговара позитивно на барањата од Турција да и биде предаден.

Стотици луѓе ги пречекаа обвинетите пред зградата на Трговската комора во којашто се одржува судењето со развиорени турски државни знамиња и извикувајќи Сакаме смртна казна и Господ е голем.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој во текот на пучот кој беше задушен до утринските часови на 16 јули, со семејството на одмор во Мармарис, во покраината Мугла, изјави дека за малку успеал да го избегне заробувањето од пучистите, припадниците на една фракција во турската армија, напуштајќи го одморалиштето пред тие да пристигнат таму.

Неколку часа не беше познато каде се наоѓа Ердоган, а во медиумите се појавија информации дека два ловци F16 на пучистите на нишан го имале неговиот авион. Во раните утрински часови турскиот претседател слета во Истанбул каде што беше пречекан од стотици негови приврзаници.

Доколку останев таму десет или петнаесет минути подолго, ќе ме убиеја или заробеа, тврдеше Ердоган лани на 18 јули во разговорот за американската телевизија CNN.

Во обидот на државен удар загинаа 248 луѓе, најмногу цивили и војници, без да се сметаат пучистите, а илјадници беа ранети.

Државното обвинителство побара по неколку казни доживотен затвор за сите обвинети во Мугла. Првиот дел од судењето ќе трае до 15-ти март.

Меѓу обвинетите со највисоки чин е поранешниот бригаден генерал Гоекан Сахин Сонмезатеп, кој негираше пред судот каква и да е поврзаност со мрежата на исламистот Фетулах Ѓулен, кого дури го нарече изопачен.

И вториот обвинет, мајорот Шукру Сејмен, го одби обвинението дека е поврзан со движењето на Ѓулен коешто турските власти го прогласија за терористичка организација и го означуваат како FETO, велејќи дека е кемалист, алудирајќи на втемелувачот на современата турска република Мустафа Кемал Ататурк, и дека е приврзаник на секуларното уредување на државата. Наредени ни беше Ердоган да го фатиме жив, рече Сејмен.

Судските постапки се покренати по пропаднатиот пуч, кога започна и чистењето во текот на прогласената воена состојба, кога се приведени 43.000 лица. Покрај осомничените за учество и организација во превратот, чистките се насочени и во образованието, медиумите, судските органи, левичарските и прокурдските политички средини, поради што Анкара е обвинувана дека под параванот на вонредната состојба сака да ги стивне сите критики.