Започна Референдумот за промена на уставното име на Македонија!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Без никакви поголеми проблеми, утрово започна Референдумот за прифаќање на Договорот со Грција, со кој треба да се промени уставното име на Македонија и притоа да се прифатат бројни услови со цел можен влез во НАТО и ЕУ.

После завршената кампања, во која само Владата беше присутна на мејнстрим медиумите со пропаганда за прифаќање на Договорот, а кој од опозицијата беше наречен калкулантски, денес граѓаните се на потег.

Право на глас имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список, а референдумот се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата. За да биде прогласен за успешен, треба да излезат најмалку половината од гласачите плус 1 или точно 903.169 гласачи.

На референдумот први гласаа членовите на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во странство. На избирачкиот список се запишани 104 такви членови. Иако на посебниот список на граѓани кои се на привремена работа или престој во странство има запишано 76.060 гласачи, за гласање на референдумот во странство пријавени беа 2.695 македонски државјани во 33 дипломатско конзуларни претставништва. Гласањето во дијаспората се одвиваше вчера, кога гласаа и болните и немоќните лица, затворениците и луѓето кои се во домашен притвор.

За гласање беа пријавени 1.859 болни и немоќни лица во 69 од вкупно 80 општини. Бројката на болни и немоќни е далеку помала од онаа на локалните избори во 2017 година, кога беа пријавени над 5.400 болни и изнемоштени лица.

Во Избирачкиот список се запишани и 1558 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор. Седум гласачи се водат како внатрешно раселени.

Правила за гласање

Гласачките места се отвораат во 7 часот наутро, а се затвораат во 19 часот вечерва. Доколку поради некоја причина имало прекин во гласањето, тоа се продолжува за онолку колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкиот материјал и на избирачите додека гласаат. Гласање за друго лице е забрането, може само да му се помогне на избирач кој има физички недостаток или е неписмен.

До 19 часот трае и изборниот молк. Дотогаш може да се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско преставување.

Референдумот го спроведува Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и избирачките одбори. ДИК денеска во текот на денот на неколку прес-конференции ќе информира за текот на гласањето, а по завршувањето на гласањето во ДИК во живо ќе се следат првичните резултати добиени по електронски пат.