Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Патот е конечно трасиран, британската премиерка Тереза Меј официјално побара излез на земјата од ЕУ. Сега почнуваат двегодишните преговори за Брегзит.
Британскиот амбасадор во ЕУ Тим Бороу денеска во Брисел му го предаде барањето за активирање на членот 50 од Римските договори, со кој се регулира истапувањето, на претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. По девет месеци, Велика Британија достави барање, напиша Туск на Твитер.
Нема никаква причина денешниот ден да го сметаме за среќен, ниту овде во Брисел, ниту во Лондон, изјави Туск пред новинарите. Приоритет во овој момент е ограничување на штетите. Но, парадоксално, дополни Туск, е што Брегзит носи и нешто позитивно, го засилува заедништвото на останатите ЕУ-членки.
Британската премиерка Тереза Меј синоќа го потпиша документот со кој официјално се бара разделба од ЕУ. Велика Британија станува првата членка која ја напушта Унијата. На референдумското изјаснување во јуни минатата година, 51,9 проценти од Британците гласаа за Брегзит, 48,1 проценти беа за останување во ЕУ.
Тереза Меј го потпиша барањето за Брегзит
Сега е отворен патот за двегодишните преговори, во кои треба да се расплетат врските меѓу Велика Британија и ЕУ. Во процесот треба да бидат опфатени околу 20.000 закони. Членството на Лондон во Унијата ќе заврши веројатно во март 2019. година. Останатите 27 ЕУ држави ќе ги усогласат своите преговарачки позиции на вонреден самит на 29. април. Конечна согласност на крајот треба да дадат Европскиот парламент и Советот на ЕУ, а Тереза Меј дефинитивниот договор ќе го поднесе во британскиот парламент. Силна ЕУ е во британски интерес и по Брегзитот, изјави Меј во денешното обраќање пред законодавниот дом во Лондон. Таа ги повика своите сограѓани на единственост, иако денешниот ден за едни е повод за славје, а за други за разочарување.
Меј очекува напуштањето на ЕУ да тече без проблеми и координирано и излезните преговори да завршат во предвидениот рок од две години, по што би настапила фаза на примена на новиот договор. Во поранешен говор Меј се закануваше дека Велика Британија порадо би извршила нерегулиран излез од ЕУ, откако да прифати лош по земјата договор.
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, пак, очекува тешки преговори околу Брегзитот.
Преговорите сигурно нема да бидат лесни ни за двете страни. Треба да направиме се за и во иднина со Лондон да задржиме добри и пријателски односи, изјави Габриел во Берлин.