Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Утринава од 8 часот започна пописот во општините Кичево, Македонски Брод и Пласница.
Сите попишувачи што ја поминаа тридневната обука и реонските инструктори, во време на почеток беа во канцеларијата на општинската пописна комисија или во местото каде што ќе ја извршат оваа статистичка операција.
Во Кичево пописот започна со намален број попишувачи, 75, кои од утринава опремени со лаптопи и прирачници ги посетуваат домовите на жителите во селата или градот каде што се одредени за попис.
– Од 8 часот утринава започна пописот на население, станови и домаќинства во општина Кичево. Во старт располагаме со 75 реонски попишувачи и 13 реонски инструктори. Сите попишувачи добија инструкции како да постапат, во случај да има бојкот од страна на одредени граѓани. Бидејќи имаме мал дефицит на попишувачи, од општинската комисија прават напори да го надополнат бројот со лица ангажирани во јавната администрација со договор за дело. Според првичните најави во Општина Кичево очекуваме од овие вработени да вклучиме 12-14 лица, а точната бројка и кога тие ќе започнат со попис дополнително ќе биде соопштена. Секој од попишувачите ќе ја заврши оваа операција во три реони и ако некаде имаме недостаток на попишувачи, тие што најпрво ја завршиле работата ќе бидат вклучени во преостанатите населени места, истакна Јованчо Сапунџиоски, државен инструктор.
Во општините Македонски Брод и Пласница во осум часот започна оваа статистичка операција со 45 реонски попишувачи, четири реонски инструктори и двајца државни инструктори.
– Во двете општини го имаме неопходниот број на реонски попишувачи 45 од кои 30 ќе бидат ангажирани во општина Македонски Брод и 15 попишувачи во општина Пласница. Утринава сите попишувачи беа на местото за попис или во канцеларијата во Македонски Брод, за да ги добијат последните инструкции за претстојната статистичка операција. Сите попишувачи се опремени со заштитни маски и средства за дезинфекција и безбедно можат да ги посетат домовите на локалните жители, потсети Дејан Србиноски државен инструктор.
– Сите комисии се во функција и си ја вршат својата работа фантастично добро. Досега немаме никакви забелешки. Во овие комисии се наоѓаат државни инструктори, тоа се лица вработени во Заводот, кои се одговорни исклучиво за спроведување на методологијата како треба да се одвива. Потоа следуваат реонските инструктори кои имаат задача да ја контролираат работата на оној дел од попишувачите кои се под нивна надлежност, во просек по 10 попишувачи на еден инструктор. Главниот сегмент од оваа операција се попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на лице место, образложи директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Додаде дека по еден попишувач ќе влегува во домаќинствата и дека секој има официјална легитимација. Ако попишувачот нема легитимација, граѓаните да не го пуштаат дома, апелираше Симовски.
– Да не пуштаат ниту еден човек дома да спроведува попишување ако ја нема легитимацијата. Ова го правиме намерно, свесни сме каква антикампања имаме. Можно е секогаш да има некој кој ќе се обиде да го злоупотреби овој процес, нагласи Симовски.