Започна Кански филмски фестивал 2019 – „зомби, сликари, паразити и мафија“ на програмското мени


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


72. издание на Меѓународниот Кански филмски фестивал започна вчера, на 14 мај, и ќе трае до 25 мај, а на него за престижната „Златна палма“ ќе се борат 19 филма од сите страни на светот.

„Паразит“, „Предавник“ и „Болка и слава“ со Антонио Бандерас во главната улога се дел од вкупно 19 филмски приказни од целиот свет што годинава ќе се натпреваруваат за „палмата“ во рамките на реномираниот филмски фестивал. Она што е познато со објавувањето на деталната програма е дека Џим Џармуш, Кен Лоуч, Педро Алмодовар, Теренс Малик и браќата Дарден, претходните лауреати на Канаскиот фестивал, и годинава повторно ќе се најдат во главната конкуренција, во која наградата ќе ја додели жирито предводено од мексиканскиот режисер и оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.

„Ќе видиме филмови на жени режисери, премиери, американски остварувања, филмови со зомби, сликари, пејачи, полицајци, паразити и насилна мафија“, најавува селекторот Тјери Фремо.

Фестивалот го отвори филмот на Џим Џармуш, кој е во главната програма со својата зомби-комедија „Мртвите не умираат“. Кен Лоуч овој пат доаѓа со филмот „Жал ни е што ве пропуштивме“, социјално ангажирана драма за една двојка што се бори да преживее во модерна Англија, додека Алмодовар ќе го претстави својот нов филм „Болка и слава“ со познатиот холивудски актер Антонио Бандерас во главната улога. Двојните кански победници, браќата Дарден доаѓаат во Кан со филмот „Младиот Ахмед“, кој зборува за радикализацијата и за белгискиот тинејџер, кој прави заговор за да го убие својот учител откако ја прифаќа екстремистичката интерпретација на Куранот.

Теренс Малик ќе го претстави својот долгоочекуван филм „Тајниот живот“, а Мати Дроп со остварувањето „Атлантис“. Ксавиер Долан е вклучен во конкуренцијата со „Матијас и Максим“. Француската режисерка и сценаристка Жустин Триет, која со претходниот филм „Во кревет со Викторија“ исто така беше во главната програма на Канскиот филмски фестивал во 2016 година, се врати на голема врата, овој пат со насловот „Сибил“.

Претседател на жирито е мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Ињариту, добитник на два „оскара“ за филмовите „Повратник“ и „Човек птица“. Со изборот на 55-годишниот мексикански уметник на местото претседавач со жирито, фестивалот ќе ја слави целокупната мексиканска кинематографија и во прв план ќе го стави режисерот, кој со помош на виртуелната стварност на гледачите им овозможи да го спознаат пеколот низ кој минуваат мигрантите во филмот „Месо и песок“. За овој филм во 2018 година Инариту го освои „оскарот“ во категоријата особени постигнувања. Лани претседателка на жирито беше актерката Кејт Бланшет, која играше во неговиот филма „Бабел“ од 2006 година. Инариту тогаш ја освои „златната палма“ за најдобар режисер.

Фестивалот годинава ќе ѝ оддаде почит на неодамна почината режисерка Агнес Варди, со нејзиниот лик на главниот плакат за настанот.

Свеченоста ја отвори филмот „Мртвите не умираат“ на американскиот независен режисер Џим Џармуш, кој во 1984 година ја доби „Златната палма“ за остварувањето „Почудно од рајот“. На фестивалот ќе биде прикажан и биографскиот филм за Елтон Џон, „Рокетмен“.

Француската актерска легенда Ален Делон (83), пак, ѕвездата на филмовите „Роко и неговите браќа“, „Самурај“, „Гепард“ и „Господин Клајн“, е добитник на почесната „Златна палма“.

Инаку, годинава и американскиот актер Силвестер Сталоне ќе пристигне на филмскиот фестивал во Кан, каде што ексклузивно ќе бидат прикажани снимки од петтото продолжение на серијата „Рамбо“, на специјална проекција приредена како омаж за актерот, најавија организаторите на фестивалот. Проекцијата во Кан е закажана за 24 мај, кога, покрај делови од новиот филм, ќе биде прикажана и биографијата на Сталоне и обновена верзија на првиот филм „Рамбо“ од 1982 година.

„Златната палма“ лани ја доби филмот „Крадци“ на јапонскиот режисер Хироказу Кореда.