Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Четири банки започнаа со исплата на парите на граѓаните со депозити до 30.000 евра кои им заглавија во пропаднатата Еуростандард банка.
Комерцијална, Стопанска банка Скопје, Халк и НЛБ се банките кои ги обештетуваат граѓаните кои во Еуростандард имаа до 30 илјади евра. Оштетените граѓани по азбучен ред објавен во медиумите треба да одат во новата банка каде имаат отворено сметка. Рокот за обештетување е три години. Информациите се дека станува збор за 72 милиони евра кои треба да бидат поделени на 136 илјади граѓани.
Но над 800 граѓани кои во банката имале депозит од над 30 илјади евра преку нов Закон си ги бараат сопствените пари. Целосно заглавени останаа и парите на околу две илјади фирми кои работеле со Еуростандард. Поради сензитивноста на ситуацијата нашиот соговорник замоли да остане анонимен.
„Бараме итно решавање на нашиот проблем преку носење на законско решение за целосно обештетување на физичките и правните лица, оние кои нема да бидат обештетени на начин кој ќе биде договорен со државата, а потоа државата да наплати од стечајната маса“, велат од Иницијативниот одбор на здружение на оштетени штедачи на Еуростандарт банка.
Дали владата планира да им помогне на оштетените граѓани, одговор на ова прашање не добивме од Илинденска. А, стечајниот управник Душко Тодевски преку соопштение информираше дека имотот на банката е заштитен. На сигурно била и документацијата на банката.
„Известувам дека од сите експозитури на „Еуростандард банка“ кои биле во деловен простор кој што не бил во сопственост на Банката, од моја страна, односно од страна на овластени лица се прибрани и заштитени севкупната опрема и мебелот, коишто се дел од имотот на Банката“, рече Душко Тодевски стечајниот управник на Еуростандард банка.
Штедачите се сомневаат на можни злоупотреби на функциите во банката и ги повикуваат надлежните институции да го истражат детално пропаѓањето на банката. На 12 август Народната банка реши да ја затвори Еуростандард банката со образложение дека работи спротивно на законот. Сопственикот на банката Трифун Костовски ја обвинува НБРМ дека не направила се за да ја спаси Еуростандард.