Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Неколку часа после изгласувањето на Законот за јазици во Собранието, во Виница ноќеска бил подметнат пожар на приватниот автомобил од пратеничката на СДСМ, Славица Шуманска – Митева.
Како што извести МВР, ноќеска околу 1.30 часот на улицата „Славчо Стојменски“ во Виница, непознати сторители скршиле стакло на автомобил „сеат леон“ со винички таблички, сопственост на С.Ш.М., ја полеале внатрешноста на возилото со запалива течност, која потоа ја запалиле.
Полицијата известува дека е направен увид и се врши истрага.
Пратеничката Шуманска – Митева, вели дека зад синоќешното инцидент, каде беше запален нејзиниот автомобил, стојат вандали охрабрени од вчерашното однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, кога се обидуваа да го спречат гласањето по Законот за употреба на јазиците. Вели дека можело да дојде до поголема несреќа, затоа што автомобилот бил паркиран веднаш до куќата. За среќа таа и нејзиниот сопруг биле будни и успеале да реагираат навреме.
„Слушнавме тресок и излеговме надвор, автомобилот гореше, а по улицата имаше линија од пламен, онаму каде бил истурен бензин и запален. Штетата не е целосна затоа што сопругот успеа да го изгаси пожарот на време. Имавме среќа што не спиевме, да спиевме колата ќе експлодираше. Имаше закани по пораки, ама ни на сон не верував дека ќе се случи вакво нешто. Очигледно имаат храброст, ама не им се плашам. До сега се така функционираше, но ова е кукавички чин, не е во ред да прават вака среде ноќ. Ова е чист вандализам“ вели Шуманска-Митева за „Фокус“.