Замина уште една македонска актерска легенда – почина Димче Мешковски


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Синоќа, на Флорида, САД, каде што живееше долги години, на 77-годишна возраст згасна животот на познатиот македонски актер Димче Мешковски.

„Слободен печат“ пренесува дека тажната вест за смртта на Мешковски ја потврдила водителката Сања Савевска, која е долгогодишна блиска пријателка на семејството Мешковски.

– Чичко Димче починал мирно во својата фотеља додека бил заедно со својата сопруга. Си заминал мирно како што отсекогаш сакал и негова желба била да не го носат веќе по лекари. Сега се слушнав со неговата ќерка Наташа која до пред три недели беше во Америка кај своите родители и кај сестра си. Во повеќе наврати сум рекла дека тој ми беше како втор татко, како дете одев на часови по глума кај него и останавме пријатели до самиот крај – изјави Сања за „Слободен печат“.

Во својата плодна и квалитетна актерска кариера Мешковски оствари улоги во многу театарски претстави („Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“), телевизиски серии („Македонски народни приказни“), радио-драми и хумористични серии („Хихирику“) и играни филмови („Викенд на мртовци“).

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.

Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје.

Комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12ч.