Загуби после 10 години: Коронавирусот „го фрли во дупка“ европскиот фудбалски пазар


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Вкупен пад на приходите од 3.7 милијарди евра е „дупката“ која ја предизвика коронавирусот во европскиот фудбалски пазар. Поточно, станува збор за пад на приходите за 13 проценти за сезоната 2019/20 што е прв пат на приходите по глобалната финансиска криза од 2008/09, објави компанијата „Дилојт“.

Во годишниот извештај за финансиите во фудбалот, „Дилојт“ открива дека приходите во најсилните пет лиги (Англија, Германија, Италија, Шпанија и Франција) изнесуваат 15.1 милијарди евра, односно 11 проценти помалку од претходната година.

Приходите на екипите од Премиер лигата се намалени за 13 проценти, од рекордните 5.8 милијарди евра во сезоната 2018/19 на 5.1 милијарди во сезоната 2019/20.
„Дилојт“ исто така објаснува дека ова е прв пад на вкупните приходи во историјата на Премиер лигата и најнизок приход остварен од сезоната 2015/16.

Со приходи од 3.2 милијарди евра, германската Бундеслига има најмал пад на приходите од само четири проценти, додека шпанската Ла Лига со приходи од 3.1 милијарди евра е веднаш зад нив.

Серија А оствари приходи од 2.1 милијарди евра што е пад за 18 проценти додека француската Лига 1 која ја откажа сезоната поради мерките во борбата против пандемијата на коронавирусот оствари приходи од 1.6 милијарди евра, односно има пад на приходите од 16 проценти.

– Потребно е да се напомене дека иако сега веќе се поминати 16 месеци од почетокот на пандемијата во Европа, анализата во овој извештај е направена за финансиската година 2019/20. Привремениот прекин на лигите донесе разлика во поглед на завршувањето на сеозната и стандардните периоди на финансиски извештаи во Англија, Шпанија и Италија – изјави Ден Џонс, од секторот за анализа на спортски настани во „Дилојт“.