Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Обединетите Нации се заглавени во огромен долг во и најголемата финансиска криза во нивното 74-годишно постоење.
ОН се во дефицит од 1,385 милијарда долари, кој на светската организација значително ѝ го отежнува плаќањето на вработените и финансирањето на мисиите. Кризата го принуди генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да почне со штедење во сите операции. Гутереш неодамна предупреди дека кризата ги загрозува мировните мисии во Јемен и во Мјанмар, како и управувањето на седиштето на ОН во Њујорк, канцелариите во Женева, Виена и Најроби, како и истражните комисии во Бангкок, Адис Абеба, Сантијаго и Бејрут.
Во неодамнешниот извештај за буџетот на ОН се наведува дека кризата е поттикната од недостигот од готовина за плаќање на вработените и доставувачите, или за финансирање на критичните програми. Шандрамули Рамантан, главниот ревизор на ОН, соопшти дека долговите на организацијата достигнале 1,385 милијарда долари или повеќе од половината од буџетот за 2019 година, кој изнесува 2,85 милијарди долари. Рамантан идентификува седум земји-членки што целосно не го платиле своето членство и кои сочинуваат 97 отсто од долгот: САД (1,06 милијарда долари), Бразил (143 милиони), Аргентина (51,5 милион), Мексико (36 милиони), Иран (26,9 милиони), Израел (17,7 милиони) и Венецуела (17,2 милиони). Тој посочи дека САД истовремено се и најголем донатор, но и најголем должник на ОН. Според него, САД должат 674 милиони долари за членството за 2019 година, како и 381 милион долари од претходните години.