Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Музичката издавачка куќа „Југотон – Кроација Рекордс“ направи реиздание во CD формат на македонскиот пејач Зафир Хаџиманов под наслов „Зафир пее – Македонија пее“, оригнално издадено во винил формат во 1986 година.
На култниот албум „Македонија пее“ од Зафир Хаџиманов се поместени десетина од негова страна компонирани шансони и балади, на стиховите на големите поети: Константин Миладинов, Коста Рацин, Блаже Конески, Аце Шопов и Радован Павловски, Милош Црњански, Душко Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Брана Црнчевиќ.
– „Зафир пее – Македонија пее“ е нешто највредно што го создадов. Секој стих од првата до последната шансона на ова CD е вистински бисер, а мојата музика и пеење само ја оплеменуваат и ја галат. Мојот побратим Славе Димитров, со своите аранжмани, ги прелеа со злато овие драги камења од песни. Благодарам од срце. Секако, голема благодарност до издавачот за нивната повторна верба во мојот сон. Слушање на ова мало музичко – поетско чудо е чист љубовен чин, со слатки последици!, напиша Зафир Хаџиманов во текстот кој оди во прилог со ова реиздание.
Компакт-дискот „Зафир пее, Македонија пее“ носи 11 песни и две бонус теми – „Од љубов не се бега“ и „Зајди, зајди, јасно сонце“.
– Едно од првите изданија што јас го потпишав како главен уредник на „Југотон“ во 1986 година беше токму ова – по речиси три и пол децении, тој е обновен во форма на компакт-диск. „Македонија пее“ е редок албум на автентичниот Орфеј на земјата на сонцето и песната: Зафир Хаџиманов, вели Синиша Шкарица, долгогодишен уредник на „Југотон“.
Зафир Хаџиманов е награден на „Струшките вечери на поезијата“ во 1975 година, на Интернационалниот фестивал на шансона во Загреб во 2002 и 2003 година. Сам, или со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, има снимено десетици носачи на звук, ТВ-програми… Настапувал на повеќе сцени во Париз, Сиднеј, Москва…
Добитник е на годишната актерска награда СНП и Специјална повелба за високи достигнувања во светот на глума, на Здружението за драмски уметници на Србија, Југословенска естрадна награда, Истакнат уметник на Србија, Награда за животно дело на скопското „Радио Буба Мара“ (2002), Награда за животно дело со гласање на ТВ „Јесењин“ (2003) ), како и Златните маски за ширење на македонската култура ширум светот (2006).
Зафир Хаџиманов е актуелен добитник на наградата „Гоцева мисла“, доделена од издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Наградата се доделува за целосен ангажман и придонес во афирмирањето на македонската култура и литература во светот.