Заев за Вечерњи лист: Ќе ја формирам новата реформска Влада во Македонија!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонија ќе оди напред и ќе биде формирана новата реформска Влада, изјави во сабота претседателот на СДСМ Зоран Заев, во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“.

„Отворивме пат за собраниската седница на којашто треба да биде избран новиот претседател. Очекувам во понеделник, да се избере претседател на Собранието на Р.Македонија. Тој ќе го извести Иванов дека е формирано парламентарното мнозинство и дека е должен веднаш да ми го даде мандатот. Очекувам дека нема го користам целиот уставен рок од 20 дена, туку дека многу побрзо ќе излезам со составот на новата реформска Влада. Македонија за брзо време ќе ја добие новата Влада“, вели Заев.

На прашањето дали е постигнат договор помеѓу политичките партии тој да го добие мандатот за состав на новата Влада во Македонија, претседателот на СДСМ рече дека тој ќе ја формира новата македонска влада.

„Јас ќе ја формирам новата Влада во Република Македонија. Ја имам поддршката од 67 пратеници за да бидам мандатар. Овие 67 пратеници претставуваат околу 700.000 граѓани на Македонија кои на кредибилни избори гласаа на 11 декември. Никој нема право да ја погази волјата на мнозинството граѓани изразена на демократски начин преку избори. Мора да се почитува мнозинската волја, тоа е порака и од домашната јавност и од меѓународната заедница. Никола Груевски имаше можност да формира Влада – не успеа. Не може затоа што Груевски не успеал да формира Влада, да нема нова Влада, кога на демократски, легитимен начин, познат за целиот демократски свет, е формирано новото парламентарно мнозинство, кое што е одраз на волјата на граѓаните изразена на избори. Тие со пенкало и глас се изјаснија за промена на режимската власт и живот и развој на демократска и европска Македонија! И тоа е патот на Македонија!“, истакна Заев.

Тој оцени дека е веќе јасно не само за демократската и меѓународната јавност во Македонија, туку и за поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ дека блокадата на демократските процеси и формирањето нова Влада, од страна на Иванов, од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот, поттикнувањето поделби, насилство, меѓуетнички тензии од страна на Никола Груевски, се единствено обид на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на криминалните интереси и на одговорноста од нив.

„Ние го имаме парламентарното мнозинството и можевме и до сега да ја формираме новата Влада. Внимателно како и досега ги водиме политичките процеси, како одговорни политичари, наспроти несовесните политики на криминалците и неодговорните луѓе кои 10 години ја водеа државата, за да дадеме пример како се работи во интерес на граѓаните и на државата. Така и ќе продолжиме да работиме откако ќе биде формирана новата Влада
Никој нема право да ја спречи демократски изразената волја на мнозинството на граѓаните на избори“, вели меѓу другото во интервјуто за Вечерњи лист, претседателот на СДСМ, Зоран Заев