Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде потпишан во три јазични верзии – англиски, македонски и бугарски. Ако биде договорен, ќе биде потпишан и на нашиот официјален македонски јазик и ќе стои потписот на премиерот на Бугарија. Тоа е важна работа за Македонија, тоа е признавање на нашиот јазик“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница одговорајќи на обвинувањата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека се крие содржината на договорот што, според нив, им штети на македонските национални и државни интереси.
„Бугарија е првата земја што ја призна Република Македонија под уставото име. За овој договор претходната власт правеше искрени напори и видов до каде се стигнати, нешто за што немав информации како шеф на опозицијата. Видов дека се стигнати во сериозна фаза и тоа го поздравувам. Требаше веќе да го завршиме. Ги знам разговорите и на поранешното раководство на Владата , информиран сум процедурално онака како што личи за се. Бугарија преку овој договор сака искрено да ги тргне тегобите коишто постоеле помеѓу двата соседа за да ја поддржи Македонија на својот пат кон ЕУ“, рече Заев.
Тој наедно нагласи дека од императивно зчаење е Македонија да напредува кон ЕУ и НАТО.
„Бугарија ја признава нашата посебност и нема проблем со тоа. Но, истовремено не можеме да кажеме дека немаме дел од заедничка историја на Балканот овде, во Европа или слично. Да не прејудицираме нешто што би било поприлично незгодно по вакви прашања што се од заеднички интерес за стратешките определби зад коишто сите стоиме, а тоа се ЕУ и НАТО. Затоа да бидеме навистина внимателни“, истакна Заев.
Во делот на учебниците, Заев рече дека за тоа ќе треба да се изјаснат експертите.
„Дајте ние политичарите да обезбедиме амбиент да градиме пријателство. На оваа наша земја и требаат соседите и повеќе пријатели. Во тој дух се обраќам за да информирам дека ние можеби ќе немаме договор. Никој не може да каже дека ќе постигнеме договор. Јас сум среќен што направивме уште еден чекор по повеќе успешни чекори што, пред мене и пред оваа влада, биле направени“, рече премиерот Заев во Собранието.