Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Премиерот Зоран Заев порача Рашковски ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда.
„И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“ во врска со случајот со поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
„Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи“, објаснува Заев.
На прашањето дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Заев одговара:
„Апсолутно не им верувам и за овој, како и за многу други предмети, вклучувајќи и предмети за опозиционерите, кога директно кажав дека тие не се организатори на настаните од 27 април. Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди. Сум имал спротивни ставови околу притворите за Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кога кажав дека притворот не смее да биде казна, туку само обезбедување присуство. Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен и изземен, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, кој важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли“, вели Заев за „Фокус“.
На констатацијата на „Фокус“ дека на крајот финалниот збор ќе го има судот, Заев потенцира дека пред фактите молчат и боговите.
„Ако победи аргументацијата на обвинителството и на судот, јас може да не се согласувам, но ќе мора да се поклонам и да ја почитувам“, прецизира претседателот на македонската влада.
Инаку, Владата на седницата одржана во вторникот го задолжи Генералниот секретаријат да го раскине договорот за набавка на услуги – одржување на софтверот за полагање испити на државните институции, склучен во период кога генерален секретар беше Рашковски.
Двата договора се склучени во време кога генерален секретар на Владата беше Драги Рашковски, кој е моментно во притвор. Исто така, во притвор заврши и сопственикот на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев, за случајот што го обелодени „360 степени“.