Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Првиот човек на СДСМ и актуелно избран пратеник, Зоран Заев, по конститутивната седница на Собранието најави разговори за формирање стабилна влада која ќе истера четиригодишен мандат и кажа дека исходот од преговорите го очекува за 10 до 15 дена, пренесува Мкд.мк.
Заев изјави дека ќе разговара со лидерите на политичките партии и штом има некаков напредок, партијата ќе ја информира јавноста.
„Државата им припаѓа на сите подеднакво. Од денеска почнуваме преговори за четиригодишен полн мандат кој ќе ни донесе четиригодишна влада која е подготвена да сработи. Ќе разговараме за влада која се грижи за сите граѓани ослободена од етнички предрасуди и која нема никакви дилеми – Северна Македонија, едно општество за сите. Ќе разговараме за влада која ќе се бори против корупцијата и криминалот. Особено внимание ќе се посвети на делот за прочистување на судството и потеклото на капитал кај секој функционер“, рече Заев.
Според него, еден од приоритетите ќе биде и сериозната реформа во администрацијата и нејзиното намалување за 20 проценти, помалиот број на министри, односно кратење ќе има кај министрите без ресор.
Во фокусот на идната влада, како што најави Заев, ќе биде и економијата, продолжување на растот на платите, вложувањето во младите, рамномерниот регионален развој, поддршката за прватниот сектор и грижата за најсиромашните.
Тој не одговори директно дали останува на ставот дека коалиција со ДУИ не вреди ни пет пари, посочувајќи ги условите за формирањето на владата и најави дека преговорите ќе почнат веќе денес.
„Ќе ги слушнеме понудите и размислувањата од сите политички партии и врз основа на тоа ќе оцениме како ќе пресечеме. На граѓаните им треба премиер што ќе работи, а не што ќе исполнува политички агенди“, порача Заев.
Во врска со тврдењата од опозицијата дека новата влада ќе биде нестабилна и краткотрајна, Заев оцени дека парламентарни избори ќе има во 2024 година, порачувајќи му на Мицкоски да не ја лаже јавноста.
„Опции имаме со ДУИ, Алијансата за Албанците и со Алтернатива. Новата влада ќе биде за четири години и јас сум убеден во тоа“, рече Заев.
Според него, бројките се доволно големи за да бидат гаранција за стабилна влада.
„Во услови кога немаме проблем со Грција и Бугарија, кога немаме проблем со меѓуетничките односи, останува само да работиме внатре. Тоа и вербата моја и на раководството на СДСМ е втора гаранција за успешни четири години“, додаде Заев.