Заев со осуда за гестот со фломастерот на Анѓушев: „Тој ќе се извини“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Премиерот Зоран Заев изрази осуда за однесувањето на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, поточно за фрлањето фломастер кон новинарите.

„Разговаравме веројатно и тој ќе се извини, некојпат човечките чувства поминуваат, јас го осудувам тоа. Новинарите само ја извршуваат својата работа, верувам дека ваква работа нема да се повтори друг пат“, рече Заев.

Тој вели дека Анѓушев често користел фломастер додека објаснувал и според него не се работи за цензура.

„Дали тоа значи дека нема да му се дава фломастер на Анѓушев? Тој како професор често го користи фломастерот во неговато објаснување и верувам ќе продолжи да го користи како објаснување на тоа што го работи како потпретседател за економски прашања“, рече Заев.

Инцидентот со Анѓушев се случи на брифинг со новинарите на кој тој ги претставувал проблемите во изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Тој на табла цртал со фломастер, а по завршување на презентацијата го фрлил фломастерот кон новинарите и рекол дека така се работи транспарентно.