Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека сите опции околу предвремени парламентарни избори се во игра. Ќе се чека одлуката на Европскиот совет, во јуни или јули па потоа ќе одлучи дали ќе се оди на предвремни избори, дали ќе има реконструкција на Владата или ќе се бира целосно нова Влада.
Следната недела Заев ќе оди во Берлин на средба со канцеларката Ангела Меркел, во обид да ја убеди Германија да даде зелено светло за земјава да добие датум за почеток на преговори.
-Сите можности се отворени затоа што ова е крупно прашање. Република Северна Македонија испорача за пример сто проценти реформи, нема незатворени билатерални прашања, ние сме светол пример во регионот и доказ за моќта на привлекување на ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев.
Соодветно на настаните, додаде тој, замолувам да оставите државата да ги изгради своите стратегиски проекции во насока на добивање на 15 години очекуваниот датум за преговори.
-Секако дел од државната стратегија се сите овие работи што се случуваат и состаноци што ги држиме и верувам, јас сум Зоран Заев оптимистот, дека ќе го добиеме датумот за преговорите, изјави премиерот.
Прашан дали е можна реконструкција на Влада или враќање на мандатот и нови избори, премиерот Заев рече дека можни се сите опции. .
-Реконструкцијата е поприлично готова од директорски до министерски места. Овие денови речиси секој час добиваме нови информации. Очекувам потврда за средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Следната недела ќе бидам во Берлин за нашата економска агенда. Во зависност од сите информации што ги добиваме така и ќе постапуваме во делот на промените што треба да се случат во извршната власт, изјави Заев.