Заев порачува: Нова Влада ќе има за помалку од десет дена


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


За помалку од десет дена ќе се обидам да ја формираме новата влада и да почнеме со работа, рече лидерот на СДСМ и новиот мандатар Зоран Заев во изјава за медиумите откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот.

„Во многу брзо време ќе составам нова влада и ветувам дека ќе работиме на граѓанска, европска и унитарна Македонија. Ќе создаваме правна држава за граѓаните. Денешниот ден освен доделувањето на мандатот има и друга симболика. Пред две години на овој ден на протест, граѓаните ја испратија пораката дека се подготвени да се борат и да работат за подобра и заедничка Македонија“, рече Заев.

Еве од ова место јас повторно ќе повикам да ги оставиме разликите, нетрпението и деструктивните политики настрана. Сите заедно да работиме за подобра држава.

„Јас сакам да имам успешен мандат, а за тоа ми треба да имам соработка со опозицијата. По она што се случи на 27 април, ден на кој сите бевме многу исплашени, не очекувам други опструкции и се надевам дека тој ден никогаш повеќе нема да се повтори“, рече Заев.

Тој рече дека за владината коалиција ќе преговара со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса, сите партии кои дале потписи за да се гарантира мнозинството.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека сите партии се договориле локални избори да се одржат на 15 октомври.

„Новата влада ќе ги спроведува изборите што ќе се одржат на средината на октомври. Сите партии се договорија и не очекувам никакви опструкции. Градоначалниците веќе втор ден работат без мандат, се надевам за брзо време тоа ќе се промени со изгласувањето на измените на Изборниот законик, па ако има потреба и со Законот за локална самоуправа“, одговори Заев.

Тој додаде дека се надева новата влада ќе биде изгласана доволно брзо за да се укине и првиот испит по екстерното тестирање.