Заев очекува Пауновски да биде разрешен – не биле дозволени таков пркос и водење полемика со надредени


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Премиерот Зоран Заев денес изјави дека очекува од страна на вицепремиерот Љупчо Николовски да биде даден предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.

„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, рече Заев.

Тој смета дека тоа што Пауновски си дозволил јавно да дава вакви коментари, понижувајќи ги, како што рече, своите претпоставени, е доволна основа за негово разрешување и очекува службите да отворат постапка.

За разлика од вчера, кога премиерот Заев само ги повика директорите на сите институции, кои треба да ги примат прераспределените административци по Рамковен договор, да го сторат тоа без отпор, денеска тој беше многу подиректен.

Досега неколку институции реагираа дека наложените вработувања, кои им ги испорача Министерството за политички систем, како дел од прераспределбите на вработените по Рамковен договор, не одговараат со потребите и систематизацијата. Најостри реакции имаше од страна на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој изјави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 лица, бидејќи дел од нив не соодветствуваат на барањата и сакале да работат само во одделни градови.

Пауновски денес за СДК.мк изјави дека доколку нема разбирање за неговата одлука од страна на премиерот, можат слободно да го разрешат од функцијата Директор на пазарен инспекторат.