Заев: Македонија не загуби ништо со договорот со Бугарија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за бугарската државна телевизија најави дека Договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годинава.

Со Бугарија сме сојузници и пријатели, вели Заев во интервјуто за БТВ емитувано синоќа. Тој повика на обединување околу личностите од заедничката историја на двете земји и натамошно градење на пријателство.

„Македонија доби со Договорот за добрососедство, а не загуби ништо. Само заедно можеме да си помогнеме и да одиме напред“, рече македонскиот премиер.

Од економски аспект, за двете земји клучно е поврзувањето преку Коридорот 8 за кој и ЕУ одобри дополнителни средства на последниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Трст годинава.

„Потребна ни е економска поврзаност од Драч преку Скопје до Бугарија“, рече Заев.

Во меѓувреме се прават и првите чекори за надминување на историските прашања кои долго ги оптоваруваа односите меѓу двете земји. Како прв чекор во таа насока, Заев го наведе фактот што во македонските учебници повеќе не се говори за „бугарски фашистички окупатор“.

„Личностите од нашата заедничка историја треба да нѐ поврзуваат. Кавгите не носат перспектива, туку носат лошо“, изјави Заев во интервјуто за БТВ.

Извор: Дојче Веле