Заев: Ќе има Влада до крајот на месецов


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Зоран Заев во интервју за српски „Курир“ го обвини Груевски дека е албанофоб и дека нема со кого да формира влада. Водителот на интервјуто, пак, му кажа дека медиумите во Србија, Заев го нарекувале албански слуга. Заев потенцираше дека Македонија има нарушени односи со Србија, Албанија, Бугарија и Грција, за да може Груевски да ги троши народните пари без никој да му пречи.

Заев отворено говореше и за Албанската платофрма. Тој вели дека документот предвидувал дебати и обврски за наредните 10-15 години. Поддршка на СЈО, на економијата, субвенциите и напредокот биле обврски, додека грбот, химната и знамето биле предвидени за дебата иако тие биле против истото. Но, според Зоран Заев, дебата не можело да се спречи.

„Никој не побарал од Зоран Заев да направи нешто против Македонците, Србите или било кој друг народ од соседството. Јас добив огромен број на гласови од Албанци, Срби, Роми и Турци. Ние сме против геноцид. Но, дали некој ќе дебатира за вакво прашање, тоа е друга работа. Во демократија, не можеш да забраниш дебата. На Груевски, не’ само што не му беше проблем платформата, туку и ја прифати истата. Тие не го прифатија само СЈО. Тој преговараше 20 дена и потоа објави дека прифатил, но во последен момент работите трганале во друг правец. Кога тргнавме ние да преговараме, тој објави дека тоа е Тиранска платформа“

Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот според Зоран Заев. Односно, тој вели „Tаму каде што повеќе од 20% од населението е албанско, таму вториот јазик е албански. Новиот закон предвидува употреба на јазиците во правни постапки. Нема ништо спорно. Јазикот е да се разбереме. Ниту ДУИ, ниту Беса, ниту Алијанса не барале нешто што е против другите националности“.

Зоран Заев вели дека тие со прислушкуваните разговори, ги објавиле и криминалите на ДУИ.

„Главниот услов за формирање на влада е правна држава. Ниту Заев смее да заштити некој од СДСМ, ниту ДУИ, ниту било кој. Нема заштита за ниту еден поединец. Нема дилеми во делот на коалицијата. Ако некој министер во Владата биде обвинет, тој ќе се повлекува“, вели Заев.

Тој зборувше и за прислушкуваните разговори, за постапките на СЈО, но и за тоа кој се’ бил прислушкуван, а повтори дека ќе бараат меѓународни истраги за настаните во Куманово, но и за како што вели, убиството на Никола Младенов и активистот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Нешковски.

„Јас сум убеден дека во месец мај, Македонија ќе има Влада, предводена од СДСМ. Меѓудругото, борбата која ја водиме е да имаме независни медиуми, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги купуваше со се’ газди, новинари и уредници. Голем дел од младите ја напуштаат Македонија и тоа не го прават само поради тоа што немаат пари, туку затоа што нема слобода“, кажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред самиот крај.

Интервјуто за српски Курир го заврши одговарајќи кој е Зоран Заев и објаснувајќи за неговите приватни бизниси во Струмица, успешноста на неговите претци, но и поривот за подобро утре.