Актуелно

Заев јавно си призна: Уставните измени и непотизмот го туркаат рејтингот на СДСМ

Премиерот Зоран Заев отворено и јавно призна дека неговиот рејтинг како премиер и рејтингот на СДСМ како најголема владејачка партија опаѓаат во однос на најголемиот конкурент ВМРО-ДПМНЕ. Според него предноста во однос на опозицијата е намален за околу 6 проценти, поточно опаднал од претходната висока предност од речиси 12 поени споредено со конкурентите.

„Ако водевме 11,9, сега водиме 5,9. А ВМРО-ДПМНЕ е фиксирано. Одредени слабости на власта наштетија. Ние сме паднати 6 посто, ако се тешиме Ципрас падна 11 посто. За тоа придонесоа храбрите одлуки како уставните промени и Законот за јазици, но и одредени слабости, како непотизмот и тоа прави штета на владејачката гарнитура. Јас сум искрен човек и тоа тешко се надоместува. Но, ако не ги повторуваме грешките мислам ќе успееме. Пораката е примена и сега на нас е тоа да го поправиме“, рече Заев.

Секако, овие бројки не се егзактни и најверојатно се базираат на интерни анкети кои секоја партија ги спроведува на редовна основа, наместо на сеопфатно испитување на јавното мислење од страна на агенциите за мерење на рејтинг кои се објавуваат вообичаено пред избори или пак кога се случуваат големи политички промени за важни прашања на државно ниво.

Заев исто така беше свесен дека прашањата за револтот на јавноста како и за жестоките реакции се однесуваат и на политичката амнестија за дел од обвинетите за Крвавиот четврток кои нема да одговараат, како и измените на Кривичниот законик со кои исто така дел од обвинетите во предметите кои ги води СЈО ќе добијат поблаги или само условни казни.

Третото „ранување“ на власта е неминовно поврзано со Преспанскиот договор кој последно резултираше со измена на имињата и називите на над 130 државни институции кои повеќе не се “македонски” туку „национални“ или на „Република Северна Македонија“. Постои незадоволство кај Македонците кои не може да се помират со промена на името и обврските кои се наметнати, а истите претходно беа поддржувачи на ветувањата за „живот“.

Најпопуларно

To Top