Заев ги достави потписите до Иванов


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Ова е голем, историски ден за Република Македонија, во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание коишто гарантираат можност за нова Влада за граѓаните на Македонија, изјави во понеделникот лидерот на СДСМ Зоран Заев при предавањето на потписите до претседателот Ѓорге Иванов.

„Истовремено, овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред, во функција на враќање на животот во Македонија. Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.

„Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, порача Заев.

Претходно во денот, Заев оствари и средби со претседателите на коалициските партнери на СДСМ, кои му дадоа поддршка да биде мандатар за состав на новата Влада на Македонија.

Заедничка беше оценето дека претседателот на СДСМ води совесни, мудри и одговорни политики согласно Уставот, во разговорите за обезбедување на новото парламентарно мнозинство и за состав на новата Влада, додаваат од партијата.

СДСМ и коалициските партнери очекуваат Иванов веднаш да му го даде мандатот на Заев за состав на новата Влада, откако се собрани 67-те пратенички потписи со коишто се дава поддршка на претседателот Заев да биде мандатар за состав на идната Влада.

Со тоа, како што е оценето, ќе се овозможи натамошен развој на демократските процеси во Македонија што носат перспективи за сите граѓани и за Република Македонија.