Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
– Премиерот Зоран Заев верува дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот, кој, како што изјави денеска во одговор на новинарско прашање, ќе го организираат и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор за што во тек се разговори на парламентарно ниво.
Во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ очекува соодветно позиционирање на нивните пратеници за одлуките за распишување на референдумот, но и пред јавноста. Тие, според Заев, мора да кажат кој им е ставот, дали ќе бидат за бојкот, тивок бојкот, за повик за референдум, а да гласаат против, ќе бидат за повик, а граѓаните слободно да одлучуваат. Тоа е нивно право, но должност на сите е да обезбедат процесот да биде успешен, изјави Заев, по стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“ во Бунарџик.
Заев не гледа потреба да свика нова лидерска средба, но посочува дека е отворен за сите аспекти, и ако е потребно може да биде свикана и од Христијан Мицкоски, со кого може да се видат и во Парламентот и да разговараат телефонски.
– Немам проблем, само да изнајдеме решение затоа што деновите се броени и одлуките мора да се носат, рече Заев.
Прнесувајќи детали од разговорите наведе дека е договорено датумот за референдумот да биде колку што е можно порано заради тоа што при успешен референдум, би следувале уставни промени за кои се потребни меѓу 100 и 120 дена за до крај на јануари и февруари Грција да го ратификува договорот.
– Заедно утврдивме тоа да биде колку што може порано дури го спомнавме и датумот 30 септември. Тоа значи дека до 30 јули сега треба Парламентот да донесе одлука. Не сакам да навлегувам во ингеренциите и надлежностите на Парламентот, но верувам дека ќе се стаса ако се успее сите процеси да се придвижат и ако навистина Парламентот биде посветен, за да завршиме порано заради државните интереси, изјави Заев посочувајќи дека и покрај можноста да се додаде една или две недели, посакува 30 јули да биде датумот за одлука на Парламентот за да може да има референдум на 30 септември.
Пренесувајќи ги разговорите за карактерот на референдумот за кој ставот на власта е тој да биде консултативен, потенцираше дека се флексибилни заради тоа што одлуката се смета за успешна ако мнозинството од граѓаните гласаат за и ако гласаат 50 проценти плус еден гласач од вкупниот број на избирачи.
– Отворени сме за расправа за ова прашање дали да биде консултативен или обврзувачки, на крајот одлуката е задолжителна затоа што граѓаните теоретски може да излезат милион, а ако 600 илјади гласаат за, а 400 илјади гласаат против тогаш политичарите ја спроведуваат одлуката, гласаат во Парламентот и постигнуваме консензус. Ако излезат милион гласачи, 600 илјади се против, а 400 илјади се за, тогаш не важи Договорот со Грција. Ако излезат 800 илјади гласачи, 600 илјади гласаат за, а 200 илјади се против тогаш граѓаните не донеле одлука. Ако нема исполнет цензус нема одлука како што е по Уставот и тогаш останува институциите да одлучат, Парламетнот да гласа за уставни промени или да гласа против уставни промени, рече Заев.
Проблемот, според него, е околу прашањето затоа што, како што рече, чесно, јасно образложливо, едноставно и фер кон граѓаните е да им се соопшти прашање кое што е основ за постигнување на Договорот со Грција за нашите интеграциски перспективи.
– Затоа, поставивме прашање-дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Од опозицијата добивме контра прашање кое гласи – дали сте за поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција потпишан од министерот Никола Димитров и Никос Коѕијас во Серадес (Нивици), кој што целосно го уништува македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската култура и македонската национална посебност. Тоа не е точно и ние не можеме да поставиме такво прашање на граѓаните, рече Заев, истакнувајќи дека Владата сака за прашања од национален интереес да се застане заедно, но оти граѓаните треба да знаат дека единствено е фер да се постави прашање кое е логичко на моментот во кој се живее и одлуките кои се очекуваат.
Како што рече Заев, граѓаните ќе излезат на референдум, убаво е опозицијата да ги каже своите ставови, заедно да се формулираат прашањата и заедно да се застане зад нив. Но, укажа дека не може да се постави едно прашање дали сте за ЕУ, дали сте за НАТО друго прашање, а трето прашање дали сте за Договорот со Грција. Ќе ги заокружиме првото и второто, а за третото сме против и тогаш која е целта на референдумот. Тогаш да поставиме и четврто прашање – дали сте согласни следниот претседател на Америка да биде од Македонија, рече Заев потенцирајќи дека целта е сите да бидат сериозни.
Премиерот апелира референдумот да се одржи како успешен процес и притоа да се гарантира валидност и вреднување и на тие што ќе гласаат за и на тие што ќе гласаат против. Процесот треба да биде доволно мотивирачки за граѓаните да излезат и да донесат одлука.
– Мораме сериозно да се поставиме, јас сум отворен, дијалогот може да продолжи, можеме да комуницираме веќе тоа поминува во Парламентот, и тој треба да ги носи сите одлуки, но апелирам да се исправиме и да ја понесеме историската одговорност, конечно граѓаните ќе одлучуваат за вакво историско прашање. И зошто да се плашиме од одлука на граѓаните. Нели референдумот е врвот на демократијата? Ајде да овозможиме овој референдум да биде успешен процес. Ако јас гласам за, а Христијан Мицкоски гласа против, моето за мора да биде исто вредно како неговото не, оти тој има една алатка повеќе – да ги задржи гласачите дома, барем неговите членови, и тогаш е безвредно моето за, рече Заев.
Во однос на тоа дали Мицкоски се согласил со референдумското прашање што го предлага Заев во замена за амнестија, премиерот вели дека за промена на членовите 353 и други членови во Кривичниот законик не сакале да разговараат и нема да разговараат се додека тие промени допираат во кој било случај на Специјалното јавно обвинителство.
Заев посочи дека ако промена на еден член од Кривичниот законик целосно или делумно урнисува предмет на СЈО тогаш тоа е директна или индиректна амнестија.
– Тоа право го нема ниту Мицковски, ниту Заев, затоа што владеење на право мора да има. Ако некој помисли вакво нешто првин граѓаните ќе се откажат од нас, а земјите членки во процесот на интеграција ќе не блокираат, укажа премиерот.
Апсолутно, доплни Заев, преговори од овој аспект немаше. – На последниот ден на дискусијата на лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ ги повлече овие барања и реално го гледате и чекорот од нас што го направивме, но редно е да се договориме за референдумот. Уверен сум дека може да се постигне договор заради тоа што дефинитивно тоа и е потребно на Македонија, одговорност најмногу носи Владата, а одговорност носи и опозицијата. Верувам дека ќе успееме во процесот заедно, а ако не ќе успееме сите наши граѓани што сакаат да успее, посочи Заев.
Извор: Лидер