Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во седиштето на ЕУ во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс и со еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, пренесува Нова ТВ.
На средбите на Заев со високите европски претставници на кои ќе биде придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, се очекува да се разговара за пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат.
Вархеји, минатата недела, прво при посетата на Скопје, а потоа и во изјава за „Еуроњуз“ кажа дека е можно Брисел да ги отвори пристапните преговори само со Албанија, доколку остане бугарското вето и не се најде заедничко прифатливо решение меѓу Македонија и Бугарија. Вархеји беше демантиран од високи функционери на Германија и на Словачка, кои рекоа дека во ЕУ не се подготвува раздвојување на Македонија и Албанија. Берлин, Братислава, но и Виена и некои други членки на ЕУ се децидни Скопје и Тирана заедно да ги почнат преговорите.
Премиерот Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува ЕУ да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ вели дека дека кандидатурата на Македонија е тест за кредибилитетот на Европската унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата.
Во интервју за „Катимерини“, пак, во контекст на бугарската блокада, Заев нагласи дека за Македонија, за македонскиот народ, неприфатлива е каква било интервенција во македонскиот идентитет.
-Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации, објаснува премиерот, потенцирајќи дека минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех“, рече Заев.
Според најавата од владината прес-служба, премиерот Заев за време на денешната посета на Брисел ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со ЕУ.
Серијата разговори ги почна синоќа со средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина. Двајцата се согласиле дека Македонија го одработи својот дел од обврските и оти е време ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши кредибилитетот на Унијата пред целиот Западен Балкан.
Предвидени се средби и со европарламентарците Дачиан Чолос, претседавач на групата Europe Renew и со Илхан Ќучук, известител на ЕП за Македонија.
Од Брисел, премиерот Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе отпатува за Мадрид, а потоа за Атина.