ЗАЕВ И БОРИСОВ ВО СКОПЈЕ: Потпишан договорот за добрососедство!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Владата во Скопје го потпишаа договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Борисов ја предводи бугарска делегација, која два дена престојува во официјална посета на Македонија. Тој претходно оствари те-а-тет средба со Заев и беше пречекан со сите државни и воени почести. Договорот, според најавите, треба да е потпишан и на македонски и на бугарски јазик, јавува Радио Слободна Европа.

„Од денес Бугарија е уште подобар пријател на Република Македонија“, забележа премиерот Зоран Заев веднаш по потпишувањето.

„Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка покажува дека таму каде што има политичка волја, прашањата ќе се решат. Бугарија и Македонија направија историски чекор напред заедно“, додаде тој.

Од своја страна, премиерот Бојко Борисов изрази оптимизам дека по 10 години резултатите од Договорот за добрососедство ќе бидат видливи и за двете земји.

„Можеше ли да не го потпишеме овој договор – можеше. Со години не е потпишан. Затоа сакам да им честитам на премиерот Заев, министрите за надворешни работи и тимовите работеа неколку месеци исклучително активно, за да го имаме потпишаниот денес договор со толку убаво име – за добрососедство“ , посочи бугарскиот премиер.

Во текот на денот македонските министри и нивните бугарски колеги ќе имаат билатерални средби. Предвидено е и потпишување на неколку меморандуми за соработка.