Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, со категорична изјава во неговото последно јавно интервју – тврди дека е сигурен за успешноста на референдумот за договорот со Грција. Во спротивно, како што порача, ќе си поднесе оставка од премиерската функција ако тоа не се случи.
„Да, ќе си заминам ако не успее референдумот во Македонија, но многу сум сигурен дека ќе успее. Очекувам огромна поддршка од граѓаните и сериозни проценти на поддршка, 77 до 85 отсто, согласно на тоа колкави се процентите на граѓаните кои се изјасниле дали се за ЕУ и НАТО“, рече Заев во синоќешното гостување во емисија на 1тв.
Според неговите зборови, граѓаните немаат што да бираат, бидејќи Македонија нема алтернатива, туку само треба да потврдат дека сакаат нивната земја да биде членка на ЕУ и НАТО.
„Убеден сум дека граѓаните ќе донесат одлука за европска иднина, за себе и за другите генерации. Одлуката е едноставна, патот за ЕУ и НАТО е еднонасочен“, рече првиот човек на Владата.
Заев додаде дека во владеачката коалиција се уште не размислувале за референдумското прашање, но истакнал дека ќе биде поврзано со одлуката за името и со ЕУ и НАТО.
Премиерот рече дека секаде во својата околина гледа поддршка за договор со Грција за уредување на спорот околу името на Македонија и дека се знае кој е за напредок на земјата кон НАТО и ЕУ, наведувајќи дека референдумот е потребен бидејќи не се знае кој е против.
„Опозициската ВМРО ДПМНЕ за време на ратификацијата на Договорот во Собрание излезе од парламентот , а можеби и таму е некој за, воздржан или против, но не сака да учествува. Треба да видиме кој е против“, кажа Заев.
Тој истакна и дека не може да ги прифати како аргумент обвинувањата на опозицијата и шефот на државата Иванов дека Македонија со тој договор ќе го изгуби идентитетот и јазикот.