Заедно со помрачувањето на Месечината, утре и Марс „на тацна“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Најдолгото ововековно затемнување на „крвавата Месечина“ во петок ќе се совпадне со најголемото приближување на Земјата и Марс една со друга во последните 15 години, па набљудувачите на небесните феномени ќе имаат двојно астрономско случување.

Во петок, на 27 јули, Месечината делумно или целосно ќе биде во сенката на Земјата цели 6 часа и 14 минути, најавуваат астрономите. „Времето на целосно помрачување на Месечината ќе трае 103 минути, најдолго досега во 21 век“, објави Кралското астрономско друштво од Лондон.

Во исто време, Марс ќе се „надвисне“ над Месечината и на небото ќе може да се види со голо око. Нашата соседна планета ќе биде необично голема и светла појава во тие моменти, оддалечена на само 57,7 милиони километри од Земјата на својата кружна орбита околу Сонцето.

„Имаме ретко и интересно совпаѓање на два феномени“, вели Паскал Дескампс, астроном во Париската опсерваторија за AFP. „Месечината ќе биде бакарно-црвенкаста, а покрај неа Марс, сјаен и благо портокалов“, додава тој.

Набљудувачите на небото од јужната полутопка ќе имаат најдобра позиција за спектакулраен поглед, особено оние од Јужноафриканската Република, Австралија, Индија и Мадагаскар, иако појавата делумно ќе биде видлива и во Европа и Јужна Америка.

Феноменот „крвава Месечина“

Месечината патува до слична положба секој месец, но нагибот на нејзината орбита одредува дали таа поминува над или под сенката од Земјата. Поради тоа, помрачувањето на Месечината не е толку честа појава.

Кога сите три небесни тела ќе се подредат во една линија, едно зад друго, земјината атмосфера распрскува сина светлина кон Сонцето, рефлектирајќи ја црвената светлина на Месечината и така нашиот природен сателит добива црвенкаста боја. Тоа се нарекува „крвава Месечина“.

NASA, во меѓувреме, предупредува луѓето да не потпаѓаат под лажните најави и убедувања кои ќе ги има на социјалните мрежи дека Марс во текот на затемнувањето на Месечината ќе биде голем колку и Месечината.

„Кога тоа би било вистина, ние би биле во голем проблем поради гравитациските сили на Земјата, Марс и Месечината“, стои во известувањето на официјалната страна од вселенската агенција.